Стромболи е традиционален италијански рецепт. Се работи за ролован сендвич најчесто подготвен од пица тесто со повеќе видови на италијански сувомесни производи и различен вид на сирење.
Немам некој извежбан рецепт за пица тесто па решив да го подготвам со тесто кое според мене е најубаво и најмеко, тесто со компир. Филот е различен во сите 5 ролати, а вие може да си направите по желба. Исто така заради потреба не се класични сендвичи туку исеков на коси парчиња.

1. Од состојките за тесто замесете меко малку лепливо тесто, покријте со фолија и крпа и оставете на топло да стасува.
Количината на брашно е варијабилна, но потрудете се да не биде премногу зашто ќе биде потврдо.
2. Филот со пиперки - печените пиперки излупете ги, исечете ситно, додадете го протиснатото лукче, ситно сецканиот магдонос и урдата и убаво промешајте да се соедини. Додадете сол ако има потреба.
Останатите состојки треба да ви бидат претходно подготвени, исецкани на ленти и спремни за редење.
3. Тестото префрлете го на набрашнета работна маса и поделете на онолку делови колку што сакате да направите ролати. Јас поделив на 5 дела.
Секоја дел развелечете го правоаголна форма, филувајте по желба, премачкајте ги краевите со разматено јајце и направете ролат. Ставете ги ролатите во намрсен плех, премачкајте со јајце и наросете сусам (или нешто по желба и ставете да се печат во претходно загреана рерна на 220С околу 20-25мин. Малку нека се изладата па послужете.

Комбинациите што јас ги направив
1. Кората се премачкува со крем сирење, па се редат прво лентите сланина, кашкавал и од горе ситно сецкани печурки.
2. Се премачкува со мешавина од мајонез и сенф (одличен вкус во случај да се двоумите) па се редат ленти сланина, кашкавал и чајна.
3. Пица ролат - кечап, оригано, сланина, кашкавал и чајна ситно исецкани.
4. Се премачкува со сенф и се става дел од филот со пиперки и урда, од горе ленти ситни парчиња кашкавал.
5. Се премачкува со крем сирење и преостанатиот фил од пиперки и урда.
(Дел имате и на сликите)

Добар апетит =)

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани