Овие преубави крцкави кекси се спремаат за предстојните празници во Белгија и Низоземска.., windmill cookies , ginger thins , по нашки ќе дојде некако како Ветерници кекси, во хрватска се прават и со ова тество нивните прочуени Паперњаци... а јас решив наместо медењаци, оваа година да направам нешто по овој рецепт. Значи лесно сфативте дека битно е тестото, а формите какви сакате, такви ги правете. Јас се обидов да направам застаклени, не дека ми успеа како што сакав. Никаде не можев да си најдам прозирни тврди бонбони, купив лижавчиња кои не го даваат саканиот ефект,  но сепак задоволна сум, ќе се израдуваат дечињата секако.
1. Во сад измешајте го брашното, пециво и зачините.
2. Во друг сад со миксер изработете го маргаринот со шеќерот, додајте јајцето и кората од лимон, продолжете уште кратко време да миксате.
3. Кога тоа сте го направиле, додајте половина од мешавината со брашното, смелените бадеми, работете со миксерот за кратко како би се споиле состојките.
4. Сега додадете го останатото брашно и измесете глатко тесто.
5. Замотајте го тестото во најлон-фолија или едноставно ставете во кеса - оставете го најмалку два саата во фрижидер нека одстои како би се полесно понатаму работело со него.
6. Расукајте ја кората потенко, со модли вадете ги кексите. Редете ги на плех постелен со хартија за печење.
7. Загрејте ја рерната на 175 степени и печете околу 10-15 мин.
Нека се изладат и соберете во кутија која добро ќе ја затворите.

ЗБЕЛЕШКА
Јас одлучив да си поиграм малку и да ми биде задоволена љубопитноста дали и со ова тесто може да се прават застаклените колачиња или како што си ги нарекувам јас Огледалца. Заклучив дека може, а за тоа ви се потребни прозирни тврди бонбони во сите можни бои кои ќе ги истолчите и ќе ја полните празнината која сте ја направила на самиот кекс.
Доколку одлучите да направите како јас, тогаш советувам вака:
откако ќе извадите со модлата едно парче, пренесете го во тавката, па во самата тавка ако имате од истата модла само со помал размер извадете ја средината (ова заради тоа што при пренесувањето во тавката се деформира формата на самиот кекс ако оваа постапка ја направите на работната маса).
- ако сте одлучиле да биде кората подебела- тогаш оставете малку да се подпечат, извадете ја тавката па дури сега ставете ги толчените бонбони во празнината.
- ако сте одлучиле да кората биде потенка, тогаш при самото формирање на кексот ставете ги истолчените бонбони
Откако ќе ги извадите овие застаклени бонбони, почекајте, не вадете ги веднаш, потребно е само 2-3 мин. за да се стврдни повторно стопената бонбона. Ќе добиете огледалце.
Варијации на оваа тема полно, полно... штета што немаше никаде да најдам бонбони какви што се навистина потребни и какви што сакав јас, но идејата е тука веќе, а вие само работете во сите можни креации,
Весели празници ви посакувам!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани