Овој ролат беше дел од нашето Новогодишно мени. Месото спремено на овој начин е меко и кревко, а полнењето го прави несекојдневно.

1. Парчето кременадла внимателно со остар нож засечете го од долната страна до коската по цела должина и полека во круг засекувајте да се отвори и да добиете едно големо рамно парче месо, но не ги отсекувајте коските.
2. Целата површина посолете ја и наросете мелен црн пипер. Потоа наредете ги парчињата тенко исечкана сланина и ајдамер. Краставичките исечете ги на тенки стапчиња и наредете ги во неколку реда на растојание од 2-3 см (видете на сликите).
3. Потоа од крајот на месото почнете да виткате цврст ролат се до коските. Целиот ролат прицврстете го со неколку стапчиња за раженчиња кои ќе ги боцнете низ средината и ставете го во тавчето каде ќе го печете. Посолете ја и надворашната страна.
4. Маслото загрејте го да биде што потопло и прелијте го врз ролатот. На овој начин месото ќе фати коричка и сите вкусови ќе останат внатре. Во тавате налејте малку вода, само колку да се покрие дното. Ставете го капакот на тавата за печење или покријте со фолија.
5. Печете во загреана рерна на 180 степени 2 часа, а потоа тргнете го капакот, односно фолијата и печете уште половина час за да се зацрвени.
6. Испечениот ролат оставете го да се одмори 20-30 минути, исечете парчиња и послужете го.

Пријатен апетит!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани