На малиот наш Теодор моментални херои од цртан филм му се чудовишта. Па за неговиот роденден се потрудив да му ги направам, а и беше воодушевен.

1. Состојките за тесто се матат со миксер и се ставаат да се печат во правоаголно тавче (тавчето што ви е од рерната) на мрсна хартија за печење, на 200 степени.
Се печат две вакви кори. Секоја кора откако ќе се излади се сече на половина. За да се добие оваа форма на торта јас вака правев. Потоа сите кори ги ставив една врз друга и им ги засеков краевите за да бидат подеднакви во текот на филувањето.
2. Најпрво се спрема филот со чоколада. Се ставаат водата, шеќерот, ванилата да зовријат, да вријат малку. Потоа се додава какаото, се меша убаво да згусне смесата, која потоа се трга на страна и во неа се става чоколадото да се стопи. На крај се додава рум за вкус и оваа чоколадна смеса треба убаво да се излади.
3. 500 мл вода се става да зоврие, а 200 мл се меша со пудинзите и шеќерот да се растопи убаво. Откако ќе зоврие водата се става смесата во неа, односно ова е класично подготвување на пудинг само со помалку вода. Да зоврие, да се згусне смесата па се остава да се лади.
4. Откако двата фила ќе се изладат, се мешаат, па се додаваат мелените бисквити и мелените ореви. Прво се ставаат оревите, а потоа бисквитите. Внимавајте да не ви се создаде многу густа смесата односно филот. Кога ќе ги мешате бисквитите не ги ставајте сите одеднаш, туку постепено. Можеби нема да ви требаат сите, зависи од бисквитете, некои впиваат повеќе некои помалку.
5. Ги филуваме корите. На последната кора ставаме многу малку фил, само колку да се залепи фонданот. Оставаме да се поврзат вкусовите.

Кога работам торта со фондан обично ја правам еден ден претходно, ама ова беше многу цврста торта и во истиот ден ја прекрив со фондан. Фигурите ми беа претходно направени.

Припрема на фондан
Внимавајте на мерките за вода. Јас користам медицински шприц за точност на мерките.
Желатинот го ставаме во вода да се растопи. На оган ја ставаме водата со фруктозата и постојано мешаме. Кога ќе почне да врие оставаме само 30 секунди да врие, го тргаме тенџерето на страна и ги додаваме желатинот и глицеринот. Промешуваме, па потоа во една вангличка во која сме го ставиле шеќерот во прав постепено додаваме од жешката смеса. Мешаме со лажица.
Кога смесата ќе почне да згуснува почнуваме да месиме со рака. Ќе ни се направи смеса како пластелин или тесто. Го чекаме да се излади па го покриваме со кеса. Вака подготвениот фондан е спремен за формирање.
Користам бои во прав кои ги растворам со една или две капки вода. Потоа си формираме фигури по желба.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани