Полнето пиле со палачинки
Ова е рецепт кој пред неколку години го имам објавено на страниците за готвење.. Оттогаш наваму секогаш кога ќе го направам, задоволството на тие што ќе го пробаат не се опишува... Можеби изгледа комплицирано, ама не е така, само треба добра воља...
Најпрво треба, додека е свежо пилето, да го извадите месото од средишниот дел. Се почнува од тртката, ако треба малку се засекува со остро ноже на почетокот, а потоа со раката која ја провирате меѓу месото и кожата го одделувате месото се до бутчињата и крилцата. Истото се прави и од предниот и од задниот дел. Послужете се со ножето кога ќе треба да го одделите средишниот дел од крилцата и бутчињата. На крајот ќе треба да остане само кожата и нормално, крилцата и бутчињата.
Премачкајте ја кожата со смесата од маргарин, црвена пипер и вегета, од двете страни и оставете ја настрана.
Направете си палачинки по вашиот омилен рецепт. За оваа пригода ќе ви требаат 9-10, отприлика...
За филот, најпрво средишниот дел од пилето треба да го сварите, малку зачинето со вегета и бибер. Месото ќе го искористите за филот, а од течноста направете супа.
На малку масло испржете го младото кромитче, додајте ги исечканите печурки, потоа месото од пилето, зачинете, ставете го исечканиот кашкавал и павлаката и оставете го сето да прокрчка неколку минути. Кога ќе се подолади, филувајте ги палачинките и ставете ги настрана.
На крајот, во внатрешноста на пилето ставете ги палачинките, отприлика ќе влезат 9-10 палачинки, во зависност од големината на пилето. Отворите прицврстете ги со чепкалки. Истото направете го со крилцата и со бутчињата, да не се расчеречат во печењето.
Ставете го пилето да се печи на 180 степени, отприлика 1 час, се додека убаво не зарумени.
Лиценца: Сите права се задржани