Најпрвин исецкајте ги сувите домати и измешајте ги со ренданото сирење.
Секоја кременадла странично засечете ја и направете џеб.
Наполнете ги со мешавината од суви домати и сирење.
Убаво со раце притиснете ги да се распореди полнењето.
Посолете ги кременадлите, наросете црн бибер и премачкајте ги со сенф.
Во тава на оган ставете масло, ливчиња жалфија и гранче рузмарин.
Ставете ги и кременадлите.
Пржете ги на среден оган додека убаво се запржат.

Лукчето истолчете го и измешајте го со водата, а потоа со него премачкајте ги штотуку испржените кременадли.

Подготовка на сосот
Во тава на оган ставете го путерот и маслото.
Додајте го ситно ренданиот кромид и кратко пропржете.
Налејте ја и супата и оставете да поврие(не оставајте да изврие цела).
Додајте ја павлаката за готвење, куркумата, сол и малку црн бибер.
Оставете сосема малку да проврие.

Подготовка на компирите
Компирите излупете ги и исечете ги на парчиња.
Ставете ги да се варат(внимавајте да не ги преварите, нека останат малку недоварени), а потоа исцедете ги од водата.

Во тава на оган ставете масло, путер и гранче рузмарин.
Откако ќе се загреат ставете ги компирите, копарот, црвениот пипер, малку сол и црн бибер.
Пржете ги на тивок оган.

Во друга тава испржете ги шампињоните исечени на половинки.

Во чинија за сервирање ставете кременадла посипана со сосот, компири и печурки.
Во комбинација со ова одлично оди чаша црвено вино.

Ова беше нашиот овогодишен Божиќен ручек.
Среќни празници на сите!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани