Погача Михаел
Бидејќи немаше име погачата, ја крстив со името во чија чест (здравје) ја направив. Ова е моја прва „вистинска“ погача и нескромно ќе кажам дека сите уживавме јадејќи ја -))
Активирајте го квасецот со дел од топлата вода, шеќерот и лажиче брашно. Потоа од сите состојки замесете тесто и оставете го да се дига. Премесете го и поделете го тестото на 6 дела. Секој дел расучете го во круг и премачкајте го со маргарин. Потоа наредете ги корите една врз друга. Најгорната кора останува непремачкана.
Развлечете ги наредените кори во една тенко ко за кифлички. Исечете ленти во ширина од 2 и пол см и свиткајте ролнички во висина на тепсијата. Наредете ги во круг по работ на тепсијата, предходно намастена и побрашнета.
Од 5 триаголници завиткајте кифлички, но не по средината, ами по едната страна ролајте. Или пак ако ви е полесно направете поголема кифличка и засечете ја на среде.
Од останатото тесто расучете правоаголна кора, премачкајте ја со маргарин и завиткајте голем ролат, кој потоа ќе го сечите на делчиња од 1 см. Тие ќе ги наместите во средината на обрачот кој предходно сте го наредиле со ролничките по ѕидот на тепсијата. И на крај, одозгора во вид на краци распоредете ги половинките свиткани кифлици.
Поделете ја жолчката од белката на едно јајце. Во жолчката ставете 2 лажици масло, а во белката 1 лажица млеко. Рабовите и кифлиците во средина премачкајте ги со жолчка, а останатото со белка. Одозгора наросете сусам и мак.Оставете на топло да нарасне погачата и потоа печете во загреана рерна од 200 степени, која температура, ако има потреба покасно ќе ја смалите на 180.
Готовата погача со помош на четче премачкајте ја со масло и покријте ја. Кога ќе подолади, превртете на на жица, покријте ја и оставете кратко време да излези пареата.
Лиценца: Сите права се задржани
Mnogu sakam ubavi pogaci!!!
Opravdano ste uzivale, napravena za cista petka :)