Старинските торти ми се најубави. Васината торта е изменета наполно денес, некои од младите и не ја знаат правата торта, па еве оригинално како треба да биде. Има неколку задолжителни работи за да биде Васина торта:
Tестото е со бадеми, не со ореви, филот е со ореви и сок од портокал, еден ред тесто и фил, никако по два реда, a одозгора се става шам и врз него кандирано овошје. И јас не сум ставала кандирано овошје, во она време и немавме, но за сето друго од секогаш така сум правела и верувајте, преубава е.
Знам дека има многу варијанти, сите се убави, торта си е торта, но оригиналниот рецепт е овој.

Најпрво попарете ги бадемите и извадете им ја лушпата, па подсушете ги во рерна, сомелете ги, помешајте ги со брашното и рендана кора од лимон.
Изматете ги јајцата со шеќерот убаво и додадете ги бадемите со брашното, но мешајте со лажица внимателно. Тестото се пече брзо, не треба да се исуши многу, ова е доза за плех бр.28.
Може да му капнете некој сок, доколку сакате да не ви биде суво, иако ако филот и шамот се погодени, тестото си ја има потребната влажност.
Изматете го путерот со ванилата, а во друг сад изматете ги жолчките со шеќерот и додајте го какаото.
Откако сé ви е подготвено, зовријте го млекото со шеќерот, попарете ги оревите кои ви се во еден голем сад, веднаш додадете го чоколадото да си се истопи, измешајте. Штом се подизлади малку, додајте ги жолчките, путерот и мешајте. Ако сакате помазен фил мешајте го со миксер, но не мора.
На крај, рендана кора од портокал и сокот, повторно помешајте, нека не ве плаши течноста, ќе се впие. Останува шамот, кој исто по желба може со шербет, а може и само со матење на белки и шеќерот. Одозгора се реди кандирано овошје...
Уживајте во единствениот вкус на оваа преубава торта!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови