Васина Торта (За 12 Годишнина од брак)
Васината торта според приказната која е распространета низ народот, настанала во Параќин, во почетокот на 20-от век, а ја направила една госпоѓа и домаќинка во знак на благодарност за зетот Васко (Васо), кој ја спасил нејзината ќерка единица – Јелена. Имено, Јелена била многу нежна и тешко ја поднесувала бременоста и постоело можност и таа и детето да не преживеат при пораѓањето, меѓутоа Васко ги собрал сите пари што ги има и ја однел својата жена во Виена. Таму го пронашол најпознатиот гинеколог кој ја породил неговата сопруга и успеал да ги спаси и неа и детето. Кога среќното семејство се вратило во Параќин, благодарната баба во чест на зетот подготвила нова торта, која го добила името по него – Васина торта.
Оваа старинска и добро позната торта на многумина од нас, овој пат јас ја направив за убав повод, поточно за мојата 12 годишнина од мојот брак со сопругот (26.04).
- Најпрво започнуваме со подготовка на пандишпанот -
1. Ги двоиме белките од жолчките. Белките ги матиме во цврст снег со постепено додавање на шеќерот. Потоа ги додаваме жолчките една по една, матејки со најспората брзина. На крај ги додаваме мелените ореви и брашното (соединети) и мешаме нежно во кружни движења со помош на силиконска шпатула. Смесата ја истураме во округли калап број 26 со обрач што се вади, врз мрсна хартија за печење. Печеме во загреана рерна на 170 степени (јас печев 30 минути, проверете со чачкалица). Испечениот пандишпан го оставаме целосно да олади, ги откројуваме страните со нож, па го тргаме обрачот, ја вадиме хартијата и пак го враќаме во калапот.
- Подготовка на фил -
1. Жолчките ги миксираме со шеќерот (2г.л.) до згуснување, потоа продолжуваме со миксирањето, ама овојпат на пареа додека да се згусне доволно. Оставаме да се олади.
2. Млекото и шеќерот во прав (125гр) ги ставаме во тенџерче да зовријат, и веднаш тргаме настрана и ги додаваме мел.ореви. Чоколадото го топиме на пареа, па и него го додаваме тука. Оставаме да се олади.
3. Кога ќе се оладат претходните два дела, тогаш го миксираме пенасто путерот со шеќерот во прав (125гр), па соединуваме со изладените две смеси и рендана кора од еден портокал.
4. Пандишпанот го буцкаме на неколку места со чачкалица, ставаме насекаде сок од 1 портокал, па го ставаме филот рамномерно.
- Сега почнуваме со подготовка на шамот -
1. Најпрво во едно тенџере ги ставаме водата и шеќерот, уклучуваме на најјако додека да зоврие, па намалуваме на средна температура и вариме точно 20 минути. Го тргаме шербетот настрана и во овој момент почнуваме со матење на белките во цврст шам. Кога ќе ги изматиме цврсто, почнуваме со додавање на шербетот полека и во многу тенок млаз (јас матев околу 20 минути) и матиме на најјака брзина. Добиениот шам го распоредуваме рамномерно врз филот.
2. Одозгора јас декорирав со мелени ореви (тоа не е задолжително)
3. Ја оставаме тортата да олади, најдобро преку ноќ. Утредента сечеме парчиња со остар нож и послужуваме.
На здравје!
Лиценца: Сите права се задржани
Tortava pred nekolku godini mi bese omilena
Tortata e son!
Odlicna torta ai odbrala.