Кифли со компир
Варените компири треба убаво да се испасираат, во нив се додаваат јајцата, млако млеко, квасецот, зејтинот, солта и шеќерот, се убаво да се измеша и постепено се додава брашно. Треба убаво да се умеси (јас го месев можеби и пола час). Бидејки тестото има пире од компири ќе биде лепливо, по потреба може да се додаде и повеќе брашно, но да се внимава да не биде премногу тврдо тестото. Јас додавав брашно постепено додека убаво да се изработи за да на крај и тестото не се лепеше по рацете. Убаво умесеното тесто се остава да одмори, околу 30 минути.
После тестото се дели на два дела, а секој од тие 2 делови се дели на 6 дела. Откако првиот дел се подели на 6 дела. На работната површина се нанесува малку зејтин за да не се лепат корите. Секој дел се расукува во тенка кора, секоја кора се премачкува со омекнат маргарин, се ставаат една врз друга само последната шеста кора не се премачкува со маргарин (како за лиснато тесто). Од овој куп на кори се расукува една поголема кора и се сече на 16 делови како на сликата подолу. Се зема еден триаголник и се превртува од другата страна се става фил од рендана салама и сирење или друго по желба и се витка кифла.
Постапка се повторува и со другиот дел тесто. Излегуваат 32 кифли од оваа доза, јас правев дупла доза.
Откако ќе се завиткаат сите кифли се редат во плех обложен со хартија за печење, се премачкуваат со јајце, се посипува и сусам, а јас додадов и помалку маргарин врз секоја од кифлите за да бидат помеки. И се оставаат да стасаат 60 минути во топла просторија.
Се печат околку 15-20 минути.
Се добиваат вкусни, прекрасно меки лиснати кифли.
Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови