Овој начин на правење на сеченица за мене е најбрз и едноставен.

1. Квасецот може претходно да го активирате, ама не мора, јас го ставам директно. Замесуваме средно тесто како за кифлички со додавање на останатите состојки, од кои брашното на крај. Додавајте го постепено. Тестото го делиме на 3 дела, ги покриваме и ги оставаме да стасаат.

2. Од трите дела расукуваме округла кора. На секоја рендаме по третина од маргаринот - замрзнат (може и стопен или на собна температура, па премачкуваме), ги засекуваме корите на неколку места, па тие парчиња ги преклопуваме една врз друга и формираме топка. Завршуваме со трите кори и одма ги расукуваме во големина на плехот каде што ќе печеме - јас во голема правоаголна тепсија, може да искористите и округла тепсија.

3. Тепсијата ја намастуваме. Ја ставаме едната расукана кора, па ставаме пола фил, па ја ставаме другата кора, пак пола фил и завршуваме со третата кора. Сега сечеме на коцки, покриваме со стреч фолија и оставаме да одмори сеченицата околу пола час. Потоа премачкуваме со јајце, ставаме сусам (ставете и парченца маргарин насекаде одозгора) и печеме во загреана рерна на 220 степени до заруменување.

Забелешка - За фил може да употребите полнење по желба - блитва, сирење, спанаќ, пица фил (кечап, оригано, шунка и кашкавал) по ваш вкус. Бидејќи сеченицата е доволно голема, може да комбинирате и да направите пола плех со еден фил, а пола со друг фил. Доколку сакате може да го поделите тестото на само два дела и во тој случај филот се става цел во средината.

На здравје!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани