Точно една година откако за прв пат излезе мој рецепт во етерот, преку оваа наша прекрасна страна. Поради задоволството што можам моите мајстории во кујната да ги споделам со вас и среќата што ја чувствувам во комуникацијата со сите вас, драги мои готвачки и готвачи, како и целиот тим на Моирецепти, сакам да ве почестам со оваа торта.
Оваа торта беше една од првите торти кои за првпат ги правев со моето домашно маскарпоне сирење. Домашните не знаеја со што е направена, а бидејќи беа воодушевени од вкусот, побараа да им се објасни и со тоа посакаа уште вакви слични и идентични слатки и торти. Тој сладок кремаст вкус со прокиселка нота е вистински погодок за оние што го сакаат вкусот на вакви чизкејкови.
Па повелете, заблажете се!!

1. Јајцата изматете ги заедно со шеќерот и ванилата. На ова додадете го брашното во кое сме го промешале пецивото и густинот, како и мелените бадеми. Со миксер на најтивко соединете ја цела смеса.
2. Во тавче бр. 26 (може и 24) на хартија за печење ја ставаме смесата и печеме во загреана рерна на 180 степени околу 15-20 минути.
3. Чоколадото го топиме на пареа заедно со слатката павлака. Го тргаме од оган и го додаваме нутела кремот, па кога ќе се подизлади повеќе да е ладно одошто топло, го додаваме маскарпоне сирењето и мешаме со миксер за да се добие еднолична смеса.
4. Бисквитот пресечете го на три дела и филувајте. Украсете по желба.

Забелешка
Ви препорачувам бисквитот да го пресечете на два дела иако јас го сечев на три. Горната кора ми излезе многу тенка, па скоро да се спои со филот и не се ни приметуваше. Рецепт за домашно маскарпоне сирење имате ОВДЕ (кликни)
Мојата верзија на филот е малку збогатена во однос на количеството на состојки, а и затоа што си користев домашно маскарпоне.
Ако купувате маскарпоне во тој случај во филот се става
200 гр чоколада
250 гр маскарпоне
60 мл слатка павлака
120 гр нутела крем

п.с. Простете, ама дополнителните фотографии не можев никаде да ги пронајдам, а знам дека ги има. Ама во тој период се случуваше да се менуваат повеќе кратички на апаратот, а јас баш и немам време да правам детална „истрага“, па ако излезат дополнително ќе ги пратам

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани