Денес ќе готвиме заедно со Алекса, готвач член на нашата веб-страница. Алекса ќе подготви еден од нејзините најпопуларни рецепти, Тортички со тиква и крем сирење.

Еден вид Чизкејк тортички, каде што во филот од крем сирење додаваме и тиква. На крајот, ги преливаме со крем од цимет, кој ќе го заокружи изгледот, но и вкусот!

Подготовка

Чекор 1: Најпрво ги мелеме бисквитите за подлогата.

Измешајте ги бисквитите со шеќерот, стопениот путер и зачините и промешајте да добиете рамномерна смеса. Ставајте по 1-2 лажици од смесата во калапите за мафини и притиснете за да се спои и израмни смесата.

Чекор 2: Тиквата исечкајте ја на коцки и ставете ја во Садот за сос заедно со 100 милилитри водата и 60 грама шеќер да се вари 15 минути, или додека не омекне. Потоа извадете ги коцките тиква, а течноста оставете ја во садот, ќе ни треба за подоцна. Половина од сварената тиква изблендирајте ја во мазно пире, а остатокот оставете го во коцкички за декорација.

Чекор 3: Откако малку ќе се излади пирето од тиква, изматете го со крем сирењето, па додадете ги јајцата. Распоредете го филот врз подлогата од бисквити и печете 30 минути во загреана рерна на 160 степени.

Чекор 4: Течноста каде што се вареше тиквата загрејте ја ако се оладила, ставете ги циметот, како и густинот разматен во малку вода, и варете кратко додека добие густина на крем.

Чекор 5: Испечените тортички прелијте ги со 1 лажица од кремот, а најгоре ставете неколку коцки сварена тиква.

СОВЕТ: Од оваа количина на состојки ние направивме 6 тортички. Но, вие направете барем двојно повеќе, бидејќи се толку вкусни, што веднаш ќе ги снема!