Видео рецепт: Назлифатми
Денес ќе готвиме заедно со Даниела Џогова, готвач член на нашата веб-страница. Даниела ќе подготви еден од нејзините најпопуларни рецепти, Назлифатми.
Назлифатми се слоевити колачи со богат вкус на путер, парени со шербет кој ќе им даде мекост и дополнителен вкус. Овде спојуваме секојдневни состојки во исклучителен десерт, на кој никој нема да остане рамнодушен!
Состојки
За ТЕСТО ќе ви треба:
- 5 жолчки
- 250 грама путер
- 1 лажица павлака
- 320 грама брашно
- прстофат сол
- 4 лажици нишесте
За ШЕРБЕТ ќе ви треба:
- 600 грама шеќер
- 1 пакување ванилин шеќер
- 1 лажица сок од лимон
- 400 милилитри вода
Вид на оброк: Десерт
Комплексност: Тешко
Лица: 10
Време на подготовка: 2-3 часа
За подготовка на овој рецепт користиме Делимано Ростер и Делимано Касерола
Подготовка
Чекор 1: Во поголем сад убаво изматете го путерот заедно со жолчките, додека добиете кремаста структура. Потоа додајте ги брашното, солта и павлаката. Убаво измесете ја целата смеса и откако ќе биде изедначена, поделете ја на 15 топчиња.
Чекор 2: Секое топче се расукува во коричка, претходно наросено со нишесте (не со брашно). Коричката ја превиткуваме од двете страни кон средината по должина, а потоа два пати по ширина за да добиеме квадрат, па сите 4 агли ги собираме кон средината за да добиеме форма на плик. Ако овој процес на виткање ви изгледа сложено, можете да ги виткате и како триаголници.
Ги редиме во Делимано Ростерот и ги печеме 15 минути на 200 степени.
Чекор 3: Во меѓувреме подгответе го шербетот од шеќерот, ванилиниот шеќер и водата, па откако ќе зоврие, оставете го да врие 5 минути. Потоа додадете го сокот од лимон и оставете го малку да се излади.
Чекор 4: Назлифатмите извадете ги од рерна малку да се изладат - да бидат млаки, па се попаруваат со млакиот шербет. Најдобро е кога температурата на колачите е иста со онаа на шербетот. Оставете ги да го впијат шербетот неколку часа.
Чекор 5: Сервирајте ги на чинија, а потоа прелијте ги со малку од шербетот во тавата. Декорираме со парчиња лимон.
СОВЕТ: Овие колачи најдобро се прават кога е поладно или во поладна просторија. Ако имате дома мермерна плоча, на неа е најубаво и најлесно тестото за работа. А ако ги правите во топла просторија, топчињата ставете ги во фрижидер пред да ги обликувате.
ти ќе сфатиш еднаш колку те бива или ќе треба цел живот да се натегаме? :) :) :) :)
лесно ти е тебе, си се навежбала и знаеш, прашај ме мене труп, како ми е :) :) :) :)
од лили божиќниот, од тебе назлифатмите. тоа ми е мој аманет за мене (уат!?!?) :) :) :) :)
ако тоа го направам без утка, нема никогаш веќе да кажам дека не ме бива за готвење, а ќе знам дека сум учела од најдобрите (тука се и сите други готвачи од кои учам како се создава домот покрај трпезата) :)
aj da ne ti ostane merak napravi pocesti go soprugot:)
тестото е меко и убаво за работа, АМА САМО ОД КОГА ЌЕ СЕ ОЛАДИ :) :) :) :)
првите неколку ми идеше да ги акнам од ѕид, па нека стојат за спомен. ќе ги наречев ИНСТАЛАЦИЈА, ќе организирав изложба, па може и некој денар ќе ќарев :) :) :) :)
после ми текна, ги направив топчињата и ги ставив така топчосани во фрижидер. вадев и сукав едно по едно и супер одеше. фактот што појма немам од сукање и секое сукање е моментална инспирација и приказна за себе - останува да ме гони :) :) :) :)
некои ми се отворија, палачинки се направија, ама не беа помалку убави. се' си излапкав со мерак :) :) :) :)
последната тура што требаше да ја печам, немав време да ја сукам, едно урла, друго ме влече за маица и ми се пентари по нозе....абе џунгла :) :) :) :)
па само ги подсплескав топчињата и така ги испеков и попарив. убави беа, ама НЕНОРМАЛНА разлика имаше во вкусот. исто тесто, различна форма. неверојанта работа :)