Видео рецепт: Богат колач
Фичо, заедно со неговата гостинка Весна, готвач член на нашата веб-страница, ќе подготват еден од нејзините најпопуларни рецепти, Богат колач.
Подготовка
Чекор 1: Разделете ги белките од жолчките. Во подлабок сад ставете ги белките со половина од шеќерот и со миксер матете додека да се растопи.
Чекор 2: Во друг сад ставете го путерот со преостанатиот шеќер и него изматете го. Кога е убаво пенесто изматен додајте го во садот со изматените белки. Додадете ги и мелените ореви и брашното помешано со пециво. Повторно матете со миксер додека смесата не се соедини. Истурете ја смесата за кора во соодветна тава за печење и печете во загреана рерна на 180 степени 20-тина минути.
Чекор 3: Во меѓувреме подгответе ја смесата од жолчки. Со миксер изматете ги жолчките со шеќер и ванилин шеќер. Откако е испечена долната кора од колачот врз неа истурете ја смесата од изматени жолчки. Вратете ја тавата во рерна и печете уште 15-тина минути на 160 степени.
Чекор 4: За чоколадниот фил, ставете во сад на оган млеко, шеќер, мелени бадеми и маргарин. Чоколадата искршете ја на поситни коцки и неа додадете ја во садот. Со лажица мешајте додека да се растопат маргаринот и чоколадата и тргнете го садот од оган.
Чекор 5: Врз запечените жолчки нанесете го подизладениот чоколаден фил и оставете го колачот убаво да се излади и да се стегне. Сечете штангли или коцки по желба и украсете по свој вкус.
Чекор 6: Сервирајте!
СОВЕТ: За да исечете правилни парчиња секогаш е најдобро да го оставите колачот да отстои преку ноќ.