Шарена тава
Ова е мојата верзија на турли тава, насловот шарена тава останал од баба ми ... така не лажеше кога бевме мали за да се научиме да јадеме секаков зеленчук. Единствена разлика е што додавам плус печурки и на малку поинаков начин ја спремам. По желба може да си дадете и месо, да додадете уште некој зеленчук или да изоставите нешто.
1. Зеленчукот исчистете го и исечете го на коцки/парчиња. Е сега во однос на начинот на спремање ... тиквичката, морковите, компирите, модриот патлиџан, пиперките, зелката и печурките запржете ги секој зеленчук посебно колку само да фатат боја, па тргнете ги во садови на страна. Кромидот и лукчето пржете ги во посебно, кога ќе омекнат додадете ја боранијата и динстајте малку за да омекне. Потоа додадете го грашокот и промешајте.
2. Во тава или пекач префрлете го целиот зеленчук, додадете ги ситно сецканите домати и зачинете по вкус. Додадете и малку вода (околу 250мл, во зависност колку течност испуштил зеленчукот). Ставете свеж магдонос, поклопете и ставете во загреана рерна да се пече.
Пред крај тргнете го капакот и оставете да се запече од горе. Оставете малку да се излади па послужете.
Добар апетит.
*Малку е подолг начинот на спремање затоа што се запржува посебно зеленчукот, но е повкусно.
Лиценца: Сите права се задржани
Кларич по избор е се, ама еве вака замскирано со еден куп зеленчуци може и ке пројадеш :)))
Албетина се пријавувам за сецкање одма, ако не ми е така наредено исто ко да не сум спремила ништо :))))