Роденден без торта не е роденден =) ... мојата супер бабичка е славеничката, па ја израдувавме со роденденска торта =)

1. За кората, пенесто изматете ги белките со солта, додадете го шеќерот и матете додека не се растопи. Потоа додадете ја ванилата, брашното помешано со пецивото и оревите, измешајте со шпатула и ставете во плех обложен со хартија да се пече. Веднаш да си го кажам пропустот ... печев во потесен плех па тортата испадна малку тесна (ќе видите на сликите). Се пече на 180С 12-15 мин. (ќе проверите со чепкалка). Кога ќе биде готова извадете ја, префрлете на влажна крпа, завиткајте ја во ролат и оставете така да се излади.
2. За кремот, во сад на оган ставете го скоро целото млеко со шеќерот и ванилата да се загрее. Во сад на страна во преостанатото млеко ставете ги жолчките и густинот и изматете. Кога млекото ќе зоврие сипете ја сместата и мешајте убаво додека не се згусне. Тргнете од оган и оставете да се излади убаво.
Оревите може и не мора да ги печете, како сакате. Јас ги ставам во тава на најтивко колку да добијат боја, со постојано мешање за да не загорат.
Путерот изматете го пенесто со шеќерот во прав, додадете го оладениот крем и продолжете додека не се добие убава хомогена смеса. На крај додадете ги и оревите и уште еднаш промешајте.
(Вкупно оревите беа 150гр. .. од нив ќе издвоите 3 лажици за кората и остатокот е во филот).
3. Оладената кора одмотајте ја од крпата па премачкајте ја целата со мармалад (користев од домашниот мешан мармалад, вие може да користите мармалад по желба). Потоа од двете страни почнете да виткате ролати и спојте ги на средината на кората. Во средината ставете малку од филот за поубаво да се спојат деловите, па превртете ја со завитканите делови кон доле. Од горе целата торта премачкајте ја со филот и декорирајте по желба. (За да не кварам просек, кај мене декорацијата е со мармалад и ореви)
Оставете во фрижидер неколку часа па потоа послужете.

Добар апетит =)

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани