Ова се најоригиналните индијанки чиј вкус на сите дома најмногу ни се допаѓа, а и се баш по слаткарски рецепт од стар мајстор.
Индијанките многу ме потсеќаат на детството. Секој пат со сестра ми кога со нашите родители ќе излезевме на шетање,одевме во слаткарница каде јас порачував индијанка со боза, а сестрами еклер со боровница. Незаборавни моменти се тоа. На првата страница во мојата тетратка за рецепти стои рецептот за индијанки, мојата омилена слатка.

Путерот го ставаме на собна температура да омекне. Најпрво го подготвуваме филот, за да може да ни се излади.
1. Водата, ванилата и шеќерот треба да вријат 1-2 минути. На страна ја мешаме втората доза на водата, шеќерот, јајцето и брашното, како за пудинг и ја истураме во смесата што врие. Најдобро е при мешањето и соединувањето, нели се вари како пудиг, да користиме миксер, за да не ни се направат грутки. Откако убаво ќе згусне го оставаме да се лади. Додека се лади го подготвуваме бисквитното тесто.
2. Се двојат белките од жолчките. Посебно се матат белките во цврст снег, а жолчките со шеќер се матат во густа светло жолта смеса. Двете смеси со шпатула се соединуваат постепено, со постепено додавање на брашното во кое сме го измешале пецивото. Се меша полека и многу внимателно за да ни остане смесата воздушеста.
3. На намрсено и набрашнето тавче или пак на хартија за печење со помош на шприц со кружен завршеток се формираат индијанките. Се ставаат да се печат на 200 степени во загреана рерна околу 15 минути.
4. Путерот го матиме пенасто заедно со шеќерот во прав. Го соединуваме со претходно направениот крем од брашно. Во една третина од вака подготвениот фил ставаме какао за украсување на индијанките.
Филуваме со шприц со декоративен завршеток.

Забелешка
Доколку немате ваков шприц (со кружен завршеток) можете и со помош на лажица да ги формирате индијанките. Не ставајте премногу, затоа што нараснуваат при печењето. Не се врзувајте за времето на печење, секоја рерна различно пече, орентационо е пишано.
Најдобро е да се остават барем еден ден пред конзумирање односно ако ги правите од вечер до утредента или пак веднаш ставете ги во сад со капак, во тој слушај побрзо ќе се поврзат вкусовите односно тестото со филот и ќе бидат меки.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани