Свински кременадли со сенф во сос од печурки
Кременадлите измијте ги и исушете ги со кујнска хартија. Посолете, побиберете и премачкајте ги од двете страни со сенф. Пржете во загреано масло на умерена температура (отприлика по 2-3 минути од секоја страна) додека не поруменат. Извадете ги на страна и завиткајте ги во фолија за да останат топли додека го спремате сосот.
Подготовка на сосот
Кромидот исечкајте го ситно. Шампињоните исчистете ги и исечкајте ги на кришки. Во едно тавче загрејте малку масло и ставете го кромидот да се пржи. Додадете го изгмечениот лук и пржете околу една минута на умерена температура. Додадете ги шампињоните и оставете да се динстаат околу 10 минути, повремено промешувајте. Кога шампињоните убаво ќе омекнат додадете го крем сирот, промешајте за се убаво да се изедначи и ставете ја и павлаката за готвење. Додадете ја и инстант супата и останатите зачини. Оставете така да се крчка околу 5 минути.
Ставете го сосот во еден огноотпорен сад и врз него наредете ги кременадлите. Посипете со магдонос или со власец. Послужете со печени компири или пире од компири.
Добар апетит!
Лиценца: Сите права се задржани