Пита со чадено месо и кашкавал
Ова не е рецепт за пастрмалија, но е експериментален, иако наликува на пастрмалија, но само во формата, а вкусот е различен, а преубав. Има некои модификации и во тестото и во зајрето и можам да кажам дека питата во оваа форма е неверојатна, се топи во устата, тестото е меко и вкусно. Немам коментар. Од оваа количина направив 3 пити, а третата пита ја печев по неколку саати, тоа тесто го чував во фрижидер.
Растворете го квасецот во топло млеко со 1 лажиче шеќер.
На овој раствор додадете јогурт, масло, сол, белка од јајце, прашок за пециво и додадете околу 500 гр брашно и измешајте го тестото со миксер со маталките за тесто. Откако убаво ќе се соедини смесата, замесете со рака и додадете повеќе брашно, доколку е потребно, додека не се добие меко и нелепливо тесто.
Оставете го да отстои 40 минути.
Потоа поделете го на 6 дела.
Земете еден дел и раширете го во долгнавеста форма, намачкајте ја со омекнат маргарин (не стопен). Земете друг дел, раширете го во иста големина и ставете го врз првата кора. Со рацете нежно спојте ги 2-те кори и формирајте пастрмалија, краевите подебели, а средината потенка. Повторете ја постапката со другите 4 дела.
Две вакви пити се за еден плех, јас го користев Делимано ХХL плиткиот капак.
Ставете го директно или на хартија за печење.
Наредете месо, а краевите премачкајте ги прво со маргарин, после со жолчка и наросете ги со сусам. Оставете да стасаат уште 15тина минути.
Потоа печете на 180 Ц степени околу половина час, а пред крајот додадете го кашкавалот и ставете и павлака по желба или јајце и вратете уште неколку минути да се запечат.
На здравје
Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови
Совршени!