Не можеше ова да се одмине. Рецептот е на Мира Атанасова која навистина има прекрасни рецепти, па што да не пробам и јас. Одлично е, а виновникот за сето ова е тиквичката.... нели јас сум многу по нив...
И сега вака
- Земето ја малата ростер тава или друга тава со тие димензии, поставете во него хартија за печење, но премачкајте ја со зејтин.
- Маргаринот или путерот стопете го.
- Шунката, доматот и тиквичката исечете ги на тенки парчиња.
- Кашкавалот и сирењето нарендајте ги на едрата страна од рендето.
- Измешајте го јајцето со крем сирењето и зачинете со бибер.
Сега почнува редењето во ростерот
- Земете една кора и попрскајте ја до половина со стопениот путер, преклопете ја и ставете ја во ростерот. Вака направете уште со две кори и значи сите три кори ќе ги наредете една врз друга. Премачкајте со филот од крем сирењето и јајцето. Наредете ја шунката.
- Повторете ја постапката со корите, но сега ставате 2 кори попрскани со путерот-преклопени, горната кора премачкајте ја со филот, наредете ја тиквичката, посолете ја со малку сол, ставете копар и со половината од ренданиот кашкавал.
- Повторете ја пак постапката со две кори кои ќе ги ставите врз кашкавалот, премачкајте со филот, ставете го доматот, посолете со шарената сол и чубриката, посипете со целото рендано сирење.
- Земате повторно две кори и правите исто како предходно, ставете ги врз сирењето, но одозгора само премачкајте со маслацот и ставете да се пече во претходно загреана рерна на 200 степени околу 30 мин.
- Кога е веќе печена питата, извадете за кратко, посипете со останатиот кашкавал, ставете врз него насецканите маслинки, вратете во рерната околу 5 мин колку да се стопи кашкавалот.
Извадете и посипете со копар, чубрика, магданост - што ви е по воља.
Забелешка
- Ова е оригинал рецептот
- Јас немав во моментот кога ми притекна да ја правам оваа ни пита, ни гибаница ни пица- па од око ставив кисела павлака која ја ставив прво да се исцеди, додадов јајцето, малку сол. Бидејки кај нас во паковањето има повеќе кори, таман излегува да се стават по 3 гори во сите делови. Отстапив од рецептата со измена која се состои во премачкувањето од филот - нели реков дека онака од око ставив кисела павлака - гледам повеќе е количински и за да не остане... одлучив да секоја кора како ја попрскував со путерот, ја преклопувам, ставам во тавката, премачкувам со филот, врз неа исто така спремана друга кора и пак со филот - сакам да кажам дека секоја која ја премачкував од филот... ништо погрешно, верувајте... ем корите ке си се потрошат - ем филот.... И така, ова е нешто навистина вкусно. Оставив едно парче за наредниот ден да видам колку ли ќе е вкусно ладно.... ма супер, одлично е.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани