По мене, една од најубавите летни пити со овошје.
Најпрво подгответе го тестото за корите, најдобро одвечер или барем неколку часа пред да ја печете питата. Путерот исечете го на коцки и ставете го на кратко во замрзнувач. Подгответе вода со мраз од која ке го одделите количеството наведено во состојките.
Во еден среден сад измешајте го брашното со солта, додајте ги коцките путер па брзо втријте ги едно во друго да добиете груби ронки. Лажица по лажица додавајте од ледената вода, мешајки со вилушка, без месење, додека не се спојат ронките во груба топка. Може да има и малку суви ронки, со рака залепете ги за тестото, сплескајте го во диск, завиткајте го во проѕирна фолија и оставете го во фрижидер. Зависно од брашното, може да ви потреба и малку повеќе вода, ама најмногу до 1 лажица. Тестото не го месете, зошто кората кога ќе се испече ке биде тврда и жилава, наместо ронлива и лушпеста.
Во средно голем сад ставете ги боровинките и помешајте ги со сокот од лимон. Настрана измешајте го шеќерот со брашното, циметот и солта, па додајте ги во боровинките и промешајте сите бобинки да се обложат со сувата смеса.
На дното на калап за печење пита со пречник 20 цм ставете хартија за печење.
Загрејте ја рерната на 200 Ц. Решетката ставете ја во долната половина на рерната.
Тестото поделете го на два дела, едниот малку поголем од другиот. Поголемиот дел расучете го меѓу два листа хартија за печење во големина да ги покрие дното и страниците на калапот, а помалиот дел во големина точно колку пречникот на калапот.
Ставете ја во калапот долната кора, истурете ги врз неа боровинките. Одозгора распоредете 1 лажица путер, па покријте со втората кора. Работ украсно завиткајте го и исечете отвори на горната кора за да излегува пареата при печењето.
Премачкајте ја питата со павлака за готвење или со млеко и посипете со кристал шеќер.
Ставете ја питата во рерна, печете 5 мин. па намалете ја температурата на 190 Ц и печете ушта 40 до 45 мин додека питата не добие златна боја, а филот не стане меурест.
Извадете да се олади на жица. Најдобро да се послужи млака, сама за себе, со сладолед од ванила или изматена слатка павлака.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани