Ако има колачи од Сицилијанската кујна кои ме освоија, тоа се нивните Каноли и Колаченцата од бадеми. За првите, сеуште трагам по вистинскиот рецепт, а за вторите, овој рецепт, од блогот на Мирјана, ми ги исполни сите очекувања.
Најдобро е да купите веќе сомелени излупени бадеми, доволно се ситни и суви за потребите на овој рецепт. Но, ако немате, излупете бадеми, добро исушете ги, па неколку пати сомелете ги и просејте ги додека не добиете фин прав. Ситен шеќер, ако не можите да купите, сами сомелете кристал шеќер, толку, колку гранулите да се раздробат, а да не се претвори во прав.
Во еден голем сад со жица помешајте ги бадемите, шеќерот, ванилиниот шеќер, кората од лимон и прашокот за пециво. Додајте ги јајцето и белките, па замесете лепливо тесто. Покријте го, и оставете да отстои 2 часа.
Поделете го тестото на 2 дела. Работната површина цело време посипувајте ја со шеќер во прав. Направете две кобасици, со пречник некаде 3 цм. Извалкајте од сите страни со шеќер во прав, па сечете дискови во дебелина на прст. Секој добро извалкајте го во шеќер во прав и редете ги на хартија во два плеха од шпоретот. Врз секое колаченце втиснете по една половинка орев.
Загрејте ја рерната на 175Ц.
Печете ги колаченцата 10 - 15 мин. Ќе бидат светли, меки, распукани, со сосема нежен зазлатен раб на дното.
Оставете да подоладат малку, зошто се многу меки, па префрлете ги на жица да се оладат до крај.
Чувајте ги во добро затворена кутија, послужете ги со најубавото кафе кое го имате, за вашите најдраги гости......

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови