Оризови брускети (безглутенски)
1. Брашното, водата, јајцето, квасецот, солта и шеќерот заедно се замесуваат убаво да се соединат и да се добие глатко тесто. За разлика од обичното брашно, на оризовото брашно не му е потребно многу месење.
2. Потоа, тестото се витка во проѕирна фолија и се става во фрижидер да одмара 30-40 минути.
3. Од тестото со рака се вадат топчиња во големина на орев и се редат на плех врз хартија за печење. Со дрвено лажиче се притискаат и со него се формираат брускетите. Дебелината треба да им биде помала од 1 см. Формата може да биде по избор (кружна, јајцевидна, правоаголна...). Јас се одлучив за кружна форма. Доколку почне тестото да се лепи на лажичката, само треба да се пребрише со салфетка.
4. Брускетите се ставаат во загреана рерна на 180⁰С да се потпечат 15 мин.
5. Во меѓувреме се подготвува филот. Лукот ситно се сецка, исто така и магдоносот и заедно со урдата и омекнатата кравја маст добро се мешаат. Се додава сол, може и копар.
6. По 15 минути, брускетите се вадат од рерна, се филуваат со помош на лажичка и повторно се враќаат во рерна да се допечат уште 10 мин.
7. Откога ќе се извадат од рерна, треба да се покријат со кујнска крпа за да не се исушат многу.
Мене од оваа доза ми излегоа 26 брускети. Колку повеќе отстојуваат, толку се поубави и помеки. Слободно може да се чуваат во фрижидер без да се стврднат.
Многу се вкусни, сите што ги пробаа им се допаднаа, не можеа да проценат од што се направени. Претпоставувам не ми правеа лице, бидејќи си земаа репете :)
Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови
Moze ke probam so drugo sirenje da go napravam.
Инаку само козјо сирење купуваме, евентуално во недостаток(сезонски) може да се купи и кравјо, овчо никако....ова сега што го купив цела канта, ми го правеа во демиркаписко село, како биено...перфектно....а идеите со другите додатоци ти се баш убави:)
супер рецепт :)