Лесна чорба од портокалова леќа
Чорбата од портокалова леќа како и од ситната леќа кај нас често се спрема, особено за време на пости. Портокаловата многу брзо се вари и има интересен вкус, а кога ќе се свари нема зрно туку изгледа како да вкусуваш манџа од кршен ориз. Многу е корисна и се надевам дека ќе ви се допадне.
1. Кромидот и морковот ги сечкаме и ги пропржуваме на масло, на тивка температура, додека да омекнат.
2. Ја додаваме леќата, која сме ја измиле и додаваме околу 2 литри вода. Кога леќата ќе биде сварена, а сметајте на тоа дека брзо се вари, ја спремаме запршката. Ако има потреба додадете вода, ама внимавајте да ја задржите густината, за на крајот пак, да не ви биде ретка манџата.
3. Брашното го пропржуваме, за да ја изгуби влажноста, така на суво тавче. Кога ќе почне да пушта мирис, а да не ја менува многу бојата, значи да внимаваме да не ни поцрни, го додаваме маслото. Количината на масло е околу 30-40 мл или како што си правите запршка, ако сакате и помрсна манџа повеќе ставете. Ги додаваме и ситно сечканите лукчиња. Малку да пуштат мирис и да се пропржат. Го додаваме црвениот пипер убаво промешуваме и целата запршка ја додаваме во сварената леќа.
4. Ги додаваме зачините и оставаме некоја минута да поврие за да се соединат вкусовите. Сосема на крај додаваме ситно сечкан магдонос.
Лиценца: Сите права се задржани