Колач со пудинг и јагоди
Колач со прекрасен овошен јагодест вкус кој почнав повторно многу да го посакувам со појавувањето на првите јагоди. Комбинацијава на тестото со пудингот од јагоди и стаклестиот црвен прелив со неговите послани јагодни листови, ги остави без здив дегустаторите, а посебно домашниве критичари.
Ни тешко ни лесно за правење, таман.
1. Се матат јајцата со шеќерот, после се ставаат постепено маслото и брашното помешано со пецивото. Се печи на 200 степени околу 20 минути (јас го печев во Интенсо тавата на Делимано).
2. Додека е тестото топло се прават дупки во него (во мојот случај со ракиено чаше со остри ивици), но им се остава дното. Во секоја дупка се става по една јагода (јас ставив 20 јагоди).
3. Се вари пудингот од јагоди по стандардна постапка со наведените состојки и кога ќе се згусни му се додава маргаринот/путерот исечкан на поситни парчиња.
Се меша да се стопи и додека е жешка смесата се тура врз колачот, а посебно треба да се наполнат дупките со жешкиот пудинг. Со лажица пудингот се изедначува низ цел колач, се лади добро.
4. Свежите јагоди се сечкаат на тенки парчиња и се распоредуваат врз изладениот колач.
5. Се прави преливот за торти по упатството и веднаш пред да се здрви се распоредува врз наредените јагоди. Јас за преливот наместо вода користев исцеден сок (преку ноќ) од смрзнати јагоди и добив прекрасен црвен прелив со јагоден вкус. Но ако сакате може да се користи и купечки сок од јагоди или пак да си купите црвен прелив за торти.
Колачот се лади добро и се сечат коцки на чиј пресек се гледа исполнетата вдлабнатина со пудингот.
Може да си правите комбинации со теста и пудинзи и да добиете разнобојни и разновкусни колачи.
Пробајте го овој колач и нема да зажалите!
Лиценца: Сите права се задржани