Колач со бисквити и банани
Ова е еден од моите брзи кремасти колачи. Ние си го викаме „За рамнење“ бидејќи најчесто се јаде директно од тавчето. Само си црташ линија со лажичето и си рамниш.
За кремот жолчките измешајте ги со 3 лажици шеќер, густинот и малку од млекото да се добие течна смеса. Останатото млеко ставете го со 3 лажици шеќер и ванилата во тенџерче да зоврие. Потоа додадете ја смесата со жолчки и густин и сварете крем. Тргнете го од оган, додадете го путерот и мешајте додека не се растопи. Кремот поделете го на половина и во едниот дел ставете 100 гр чоколадо.
Претходно во тавчето (моето е 36х20 см) наредете еден ред бисквити, така да биде покриена целата површина. Бисквитите не ги топам со ништо бидејќи кремот се става топол и тие омекнуваат за кратко време.
Врз бисквитите истурете го чоколадниот крем и израмнете. Врз кремот наредете ги бананите исечени на крукчиња со дебелина околу 1 см. Потоа истурете го ванила кремот, израмнете и наредете го вториот слој бисквити.
За шамот ставете 6 лажици шеќер и сокот од лимон со многу малку вода (само колку да се намокри шеќерот ако не е доволно сок од лимон) во лонче да зоврие. Варете на умерен оган неколку минути, шербетот треба да добие сосем мала густина.
Во меѓувреме изматете ги белките со 6 лажици шеќер во густ снег. Потоа во тенок млаз додавајте го шербетот постојано матејќи на најголема густина. Продолжете да матите додека шамот не се излади целосно.
Ставете го шамот врз вториот ред бисквити и оставете го колачот околу 2 часа да се олади и стегне. Потоа уживајте.
Пријатен апетит!
Некогаш место банани користам јагоди (најчесто смрзнати) и тогаш не ставам чоколадо.
Лиценца: Сите права се задржани