Ќе го нејдете со име Creme brulee и Французите к'е тврдат дека е нивни десeрт, Шпанците го викаат Crema Catalana и велат дека тие први го направиле во 18 век, а пак Англичаните биле уште побрзи и од 17 век го викаат Trinity Cream. Чиј да е, еден е од омилените десерти во мојата куќа.

Загрејте ја рерната на 150 Ц
На дното на еден поголем сад за печење ставете кујнска крпа и врз неа наредете ги порцеланските модли за печење, 4 - 6 зависно колку се големи.
Во едно мало тенџерче слатката павлака, маскарпоне сирењето и ванилата загрејте ги мешајки додека не е хомогено и не стигне скоро до вриење. Тргнете на страна и измешајте го изренданиот ѓумбир. Ако немате свеж, ставете 1/4 лажичка во прав, ама не е исто.
Жолчките изматете ги со кафеавиот шеќер додека не добиете светла и густа пена. Постепено додавајте од врелата млечна смеса постојано матејки за да не се згрутчат жолчките. Кога е добро измешано, процедете и распоредете ја смесата во порцеланските калапи. Во садот за печење сипете врела вода до висина на половина од калапчината и ставете да се пече на средина на рерната.

Печете го кремот 25 - 30 мин, готов е кога средината е уште е малку лабава, затоа внимавајте да не го препечете.
Извадете ги калапчината од садот за печење, оладете ги на собна температура и оставете ги во фрижидер барем 1 час.
Непосредно пред послужување, посипете го кремот со по 1 лажица кафеав шеќер и изгорете ја површината со бренер за храна додека не се карамелизира. Ако немате бренер ставете го кремот на некоја минута под грил грејачот во рерната.
Послужете веднаш.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови