Битолска телешка кафанска чорба (Јубилеен 300 рецепт)
Овој рецепт е најдостоен за да биде јубилеен рецепт, бидејќи излезен е од кафана. После повеќе обиди да направам домашна телешка чорба со кафански вкус, веќе се имав откажано зашто никогаш не го постигнував вкусот каков што го сакам. За тие кои не знаат, јас сум голем љубител на утринска телешка чорба со сите марифети и лепче и макалце и луто пиперче, па и ракииче по некогаш. Во Битола и ни е традиција денот да се започне со чорба, а јас гледам барем 2-3 месечно да си ја испочитувам традицијата. Често знам да си купам за дома, па и да ја послужам за ручек. Ја обожавам.
Така, сега имам рецепт кој како што беше несебично споделен со мене, така и јас ќе го споделам со вас. Од оваа количина ќе добиете 5-6 порции.
Подготовка
1. Прво месото исечете го на парчиња и ставете го да се вари. Откако ќе зоврие водата и ќе почне да излегува пена, истурете ја таа вода, месото измијте го и налејте чиста вода и повторно ставете го да се вари. Во варењето додадете го пашканатот, целерот, едниот морков и целата главица кромид. Оставете ги на тивко да варат заедно 1 час, па потоа извадете ги зеленчуците, а месото оставете го да вари уште 2 часа.
2. Откако ќе се олади зеленчукот, исечкајте го на ситни коцкички, а кромидот фрлете го.
Откако месото ќе се свари, извадете го од течноста и тргнете го настрана малку да се подолади. Кога ќе подолади, искинете го на парчиња и заедно со исечканиот зеленчук вратете го во водата. Нека продолжи да вари. Додадете вода ако има потреба. Додадете вегета или друг зачин, црн бибер и ставете 1 ловоров лист.
3. Потоа настрана изрендајте 1 морков. Ова е делот каде се случува магијата. Во околу 100 мл масло, ставете го ренданиот морков да се запржи. Ќе почне да ја менува бојата, а маслото ќе почне да добива портокалова боја. Пржењето трае околу 4 минути со постојано мешање на тивко. Кога ќе се достигне таа промена, се додаваат 2 лажици брашно и се запржуваат заедно со морковот. Ако ви е малку масло, додадете уште. Запржете заедно околу минута-две и оваа запршка истурете ја во чорбата и убаво промешајте. Оставете да се вари уште неколку минути. Чорбата ќе почне да се згуснува. Ако има потреба, додадете малку вода. Проверете ја соленоста, додадете уште малку зачин ако треба.
Оставете малку да се подизлади и чорбата е спремна за послужување.
Обавезно се служи со макало од лук, луто пиперче и топло лепче.
На здравје.
П.С. И макалото е домашно, го имам објавено во рецептите.
Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови
Мене лично ми е омилена телешката чорба, превкусна е :)
Поздрав и секое добро ти посакувам.
знам колку беше во трагање да го доловиш вкусот на битолските кафани со чорбата. хихихи де седни на чорба, де седни дома спреми :) браво мајсторице, успехот нема кај да оди на крај
четитки за јубилејот и телешката чорба :*
жива
Neka se nizat uste recepti od tvojata kujna
Чорбата за мерак, големи љубители сме и ние :-)
Искрено ако живеам Битола, ретко одам на чорба хех, ама оваа ќе си ја направам :)
А исто така ти честитам за јубилејот, и да споделуваш уште многу,мноgу рецепти онака како што и досега правеше на некој свој специфичен начин, прикажани со многу љубов <3
Сакаме да ти упатиме честитки за овој прекрасен јубилеј. 300 фантастични рецепти, 300 поводи за славење.
Целиот тим на Мои Рецепти ти е неизмерно благодарен за неуморниот ангажман и посветеност во креирањето на прекрасни и вкусни рецепти. Секако, мораме да те пофалиме и за умешноста при фотографирањето и доловувањето на целата таа убавина.
За твојот јубилеј, ти подаруваме ваучер во вредност од 2.000 денари, за купување на Delimano производи. Веруваме дека ќе направиш одлична селекција на производи. Ти посакуваме уште многу јубилеи и причини за славење.
Тимот на Мои рецепти
Поздрав!