Битолска телешка чорба
Чорбата е едно од нашите најпопуларни јадења. Кај нас се популарни телешката и чкембе чорбата, а бидејќи мене ми е омилена телешката чорба, решив да си ја спремам дома. Навистина, времето за подготовка е долго бидејќи на месото му е потребно повеќе време за да се свари, но тотално вреди. Месото можи да го сварите и од вечер, па следниот ден да ги сварите само уште зеленчуците.
Исечкајте го месото на ситни парчиња и заедно со коските со околу 2 литри вода ставете да се варат на тивко околу 2 часа.
Потоа коските извадете ги. Додадете го зеленчукот да се вари во истата вода. Зеленчукот треба да биде цел, не исечкан. Додадете го шафранот.
Додадете зачини и оставете да се вари заедно додека зеленчукот не омекни околу 40 минути.
Потоа извадете го зеленчукот, додадете една рака фиде во чорбата, а зеленчукот со малку ладна вода ставете го во блендер да се иситни како пире и вратете го назад во чорбата. Дел од зеленчукот (морковот и пашканатот) може да исечкате на коцки, а дел да се изблендира. Ако чорбата многу се згусни додадете вода.
На крај, настрана изматете ја жолчката заедно со павлаката и додадете ја во чорбата со убаво мешање.
Чорбата е готова.
Декорирајте со свеж магдонос и при сервирање, додадете малку јаболков оцет. За љубителите на лук, комбинирајте со топло лепче, феферончиња и макало од лук.
На здравје
Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови