Битолска телешка кафанска чорба (Јубилеен 300 рецепт)
Состојки
- 600 г чисто телешко или јунешко месо
- 1 среден пашканат
- 1 парче целер
- 2 поголеми моркови
- 1 мала главица кромид
- околу 3 литри вода
- 1 полна лажица вегета (и уште малку)
- црн бибер
- 1 ловоров лист
- 2 лажици брашно
- околу 100 мл масло
Подготовка
Овој рецепт е најдостоен за да биде јубилеен рецепт, бидејќи излезен е од кафана. После повеќе обиди да направам домашна телешка чорба со кафански вкус, веќе се имав откажано зашто никогаш не го постигнував вкусот каков што го сакам. За тие кои не знаат, јас сум голем љубител на утринска телешка чорба со сите марифети и лепче и макалце и луто пиперче, па и ракииче по некогаш. Во Битола и ни е традиција денот да се започне со чорба, а јас гледам барем 2-3 месечно да си ја испочитувам традицијата. Често знам да си купам за дома, па и да ја послужам за ручек. Ја обожавам.
Така, сега имам рецепт кој како што беше несебично споделен со мене, така и јас ќе го споделам со вас. Од оваа количина ќе добиете 5-6 порции.
Подготовка
1. Прво месото исечете го на парчиња и ставете го да се вари. Откако ќе зоврие водата и ќе почне да излегува пена, истурете ја таа вода, месото измијте го и налејте чиста вода и повторно ставете го да се вари. Во варењето додадете го пашканатот, целерот, едниот морков и целата главица кромид. Оставете ги на тивко да варат заедно 1 час, па потоа извадете ги зеленчуците, а месото оставете го да вари уште 2 часа.
2. Откако ќе се олади зеленчукот, исечкајте го на ситни коцкички, а кромидот фрлете го.
Откако месото ќе се свари, извадете го од течноста и тргнете го настрана малку да се подолади. Кога ќе подолади, искинете го на парчиња и заедно со исечканиот зеленчук вратете го во водата. Нека продолжи да вари. Додадете вода ако има потреба. Додадете вегета или друг зачин, црн бибер и ставете 1 ловоров лист.
3. Потоа настрана изрендајте 1 морков. Ова е делот каде се случува магијата. Во околу 100 мл масло, ставете го ренданиот морков да се запржи. Ќе почне да ја менува бојата, а маслото ќе почне да добива портокалова боја. Пржењето трае околу 4 минути со постојано мешање на тивко. Кога ќе се достигне таа промена, се додаваат 2 лажици брашно и се запржуваат заедно со морковот. Ако ви е малку масло, додадете уште. Запржете заедно околу минута-две и оваа запршка истурете ја во чорбата и убаво промешајте. Оставете да се вари уште неколку минути. Чорбата ќе почне да се згуснува. Ако има потреба, додадете малку вода. Проверете ја соленоста, додадете уште малку зачин ако треба.
Оставете малку да се подизлади и чорбата е спремна за послужување.
Обавезно се служи со макало од лук, луто пиперче и топло лепче.
На здравје.
П.С. И макалото е домашно, го имам објавено во рецептите.