Неодолива кремаста чоколадна торта со малинаст вкус...И повторно инспирирана од тековниот натпревар, а со преубав повод, ја создадов оваа убавина за непце.
Тортава ја подготвив за јубилејниот 20-ти роденден на средниот син...

Подготовка на пандишпан
Ги соединуваме сите суви состојки, па го додаваме јајцето и мокрите состојки и соединуваме со миксер. На крајот го додаваме сечканото чоколадо. Смесата ја распоредуваме во тава за чискејк или тава со обрач, која претходно сме ја намрсиле и набрашниле(место брашно може какао). Печеме на 200 степени околу 12-15 минути, во зависност како ни пече рерната. Ја оставаме да се излади, го отстрануваме врвот па ја сечеме на два дела во хоризонтала. Долниот дел го ставаме пак во тавата и 2/3 од филот од малини распоредуваме врз него. Остатокот од филот го ставаме врз вториот дел кој ќе го оставиме на страна. Филот од малини треба да ни е топол кога ќе го распоредуваме врз пандишпанот.

Подготовка на фил со малини
Малините ги блендираме па ги процедуваме низ сито или газа. Ги ставаме во сад за мерење и додаваме вода, вкупно да имаме 400 мл малина со течност. Поголемиот дел го ставаме да врие заедно со шеќерот, а во остатокот раствораме пудинг и густин. Кога смесата ќе почне да врие го додаваме пудингот и мешаме до згуснување.
На крајот го тргаме тенџерето и растопуваме путер. Малинастиот крем пудинг ни е подготвен.

Подготовка на чоколаден крем фил
Слатката павлака ја загреваме до вриење, па го додаваме чоколадото да се растопи. Оставаме да излади па во него го ставаме маскарпонето и соединуваме со миксер. Чоколадниот крем го распоредуваме врз филот од малини, поклопуваме со втор дел пандишпан со фил од малини и на крајот повторно со чоколадниот фил.
Тортата ја декорираме со рендано бело и црно чоколадо и свежи малини.

Забелешка
Во чоколадниот фил може да додадете шеќер во прав, ама тоа во случај да сакате тортата да ви биде поблага, што во мој случај не беше потребно. Тортата е умерено блага и многу кремаста.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани