Овој рецепт може да ви послужи како топло или ладно предјадење, мезе за гости, ама и како ручек со прилог по избор. Изборот е ваш бидејќи неговата примена е сенаменска.

1. Празот, морковот и кромидот ситно ги сечкаме и ги ставаме на масло да се пропржат, на умерена температура. Го додаваме меленето месо и тоа убаво да се упржи. Потоа ги додаваме ситно насечканите печурки и брокулата која сме ја исцепкале на цветчиња. Зачинуваме по вкус со бибер, сол, мешан сув зачин. Додаваме едно јајце и добро промешуваме.Откако ќе изврие водата што ја пуштиле печурките, процесот на пржење ни е завршен и ја ставаме смесата да се лади.
2. Обландите ги ставаме помеѓу влажни крпи за да ни омекнат. За филувањето земаме ¼ од филот и ја распоредуваме на една обланда, па ја земаме втората обланда ја ставаме врз филот од првата и таа ја филуваме со ¼ од филот. Мотаме ролат од овие две обланди, внимателно и постегнато да ни биде убаво замотан ролатот. Истава постапка ја применуваме и кај другите две обланди со втората половина од филот. Ги оставаме некој час да се стегнат во фрижидер, а можете да ги направите и ден претходно.
3. Ролатите ги сечкаме на парчиња со дебелина колку еден прст или околу 1,5-2 см. Ги валкаме во разматени јајца па во лебни трошки и ги пржиме на умерена температура да поцрвенат.

Забелешка
Во лебните трошки може да додадете и мешан сув зачин, ама внимавајте да не ви бидат многу солени ролатчињата.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани