Скромно десертче со кое го одбележавме мојот роденден.

Подготовка:

1. Најпрвин подгответе го бисквитот Во длабок сад ставете ги јајцето, жолчката, шеќерот, сол и маслото.
Измешајте убаво со вилушка. Додајте го пецивото и постепено месејќи додавајте го брашното. Зависно од големината на јајцата, количината на брашно може да варира, од 270-300гр. Јас користев помали јајца и доволни ми беа 270гр. брашно. Замесете нелепливо мазно тесто.

2. На набрашнета површина од тестото расукајте округла кора. Префрлете ја кората во калап за кростата од 28цм, претходно премачкан со масло и набрашнет. Избоцкајте ја кората со вилушка и оставете ја во фрижидер додека се загрее рерната на 180 степени. Пред печење ставете врз кората хартија за печење на која ќе ставите грав, ориз, леќа. Ќе ви послужи кората да не се надигне.

3. Печете на 180 степени 20 минути. Потоа тргнете ја хартијата со легумите и печете уште 10 минути. Откако ќе се испече оставете ја да се олади целосно во калапот.

4. Крем - Во сад изматете ги со жица жолчките, шеќерот, брашното, ванилата и малку од млекото.
Остатокот од млеко загрејте го. Во млаз со постојано матење додајте ја изматената смеса. Мешајте додека кремот се згусти, а потоа оставете да се олади. Слатката павлака изматете ја, па соединете ја со убаво изладениот крем.

5. Меринга - Во сад на оган ставете го шеќерот и водата да зовријат. Оставете да вријат додека да достигнат температура од 121 степен. Непосредно пред да ја достигнат оваа температура почнете да ги матите белките. Откако сирупот ќе ја достигне температурата, во млаз со матење на најголема брзина додавајте го во садот со белките. Матете додека мерингот од белки целосно се олади. Врз оладениот бисквит нанесете ја кремата, а врз кремата мерингата. Површината од меринга поминете ја со бренер.

Кростатата оставете ја да отстои во фрижидер, за да се стегне малку кремата.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани