Пишував некаде дека многу сакам да ги направам пецивата која нашата мајка ни ги спремаше, дури во дворот мирисаше кога се печеа. Ние трите сестри стално заседавме на оваа тема, но ниту една не можеме да се сетиме како тоа го правеше таа. Знаеме дека ги правеше со домашни јајца, млекото во прав и путерот кои ни го даваа во едно дамнешно време во училиштето - некоја си американска донација беше и на сите ќе ни дадеа по една кутија и тоа не баш мала. Знаеме дека кога ќе останеше од нашиот најстален „десерт“ ПЕЛТЕ со модри суви сливи ( вода, брашно, шеќер и модри сливи, додаток стар сув леб и тоа корките) таа одделуваше од него и ќе месеше. Овие пецива се по сеќавање кои нашата ЛиЛиН ги пребендиса и секое Коледарче го дарува со вакво пециво... така ми кажа таа и некаде имаше напишано кога ќе го ставам овде рецептот. Па еве го драги мои ...на ваша услуга...

- Најпрво сварете го „Пелтето“ така што во водата која веќе е доволно врела, пред да зоврие, растворете го брашното и варете го на тивко. Кога на дното од садот ќе се направи пат кога мешате, тргнете настрана и нека олади.
- Во сад стопете го маргаринот.
- Од сите состојки за замесето го тестото, додадете го „Пелтето“ и продолжете да месите. Бидејки тестото е доста лепливо за цело време намрснувајте си ги рацете со стопениот путер или пак премачкувајте ја работната површина на која месите. Доколку месите во миксер е тогаш за време на месењето додавајте полека од истиот. Треба да добиете тесто со многу фина структура.
- Оставете го околу 40-50 мин,. да подстаса. Потоа поделете го тестото и правете форми какви вие сакате, редете во подмачкано со путер тавче или со поставена хартија за печење. Оставете ги повторно да стасат. Премачкајте со јајце разматено со малку млеко, посипете со ванила шеќер (и не мора) и печете.
Напомена
- Тестиото го поделив на 4 дела и секоја 1/4 уште на 4 дела.
- Вреди да се проба со 2 жолчки да се стават во тестото наместо 1 јајце, а белките да послужат за премачкување.
- Да ви кажам дека не го доловив вкусот и мирисот на овие пецива, што не значи дека нема да продолжам да го барам. Многу е макотрпно да бараш нешто, а не знаеш што...  Можеби фали детската радост во него.
Нашата мајка ги правеше како бухтли наредени во четвртаст плех кое нешто секогаш ме подсекаше на пекара и можеби поради тоа и ги запаметивме. Кога и да поминам покрај пекара или млечен ресторан... секогаш во главата ми е сликата од нив и нејзиниот вкус, а со тоа нормално дека се наметнува и моето детство.
Ќе јавам за некој нов вкус кога повторно ќе се преиспитам со месење додавајки нешто друго ...
Па тоа е драги мои, пробајте ги.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани