Лека полека стигнав до јубилејот мој петстотен.
Одбрав едноставна торта, впрочем ја преферирам секоја едноставност и разбирливост.
Исто така се одлучив за посна торта која би била добредојдена за претстојните посни слави и празници (мали, интимни), и знам дека посебно ќе им се допадне на љубителите на вкусот на чоколадо и портокал, комбинацијава е неверојатна.
Кога првпат ја пробав тортава на една мала прослава, не препознав веднаш дека е посна, има таков егзотичен и богат вкус, а толку едноставни состојки.
Ги поздравувам сите членки на страницава и секако тимот на Мои Рецепти, посакувам да траеме сите уште долго без проблеми, па кој како може, некој со побрзо темпо, некој со побавно како мене ха ха ха ...

~ Тесто ~
1. Со миксер во сад се мешаат сокот, шеќерот, маслото и мармаладот, на крај се става брашното просеано заедно со содата бикарбона, па ренданото чоколадо.
2. Смесата се тура во тркалезен калап бр. 24 на кој му се вади страницата, претходно обложен со хартија за печење, а страницата се премачкува со маргарин.
3. Се пече 20 минути на 200 степени и уште 20 минути на 180 степени, сепак се проверува со чечкалица. Изладено, тестото се сече попречно на 2 дела.
~ Фил ~
1. Дел од сокот од портокал и пудинзите ги раствораме, остатокот од сокот, ванилиниот и кристал шеќерот ги зовриваме и вариме пудинг со постојано мешање. Самиот пудинг е превкусен иако е без млеко. Го ладиме сосема.
2. Маргаринот во случајов го користиме бидејќи тортата ни е посна, стоен на собна температура го матиме со миксер, го додаваме изладениот пудинг, соединуваме да нема грутчиња.
Од овој жолт дел оставаме 3-4 лажици за декорација.
3. На остатокот од филот ја додаваме кората од портокал, мелените ореви и ренданото чоколадо, соединуваме убаво.

~ Во чинија за торта го ставаме првото тесто, ја ставаме страницата од калапот во кој го печевме тестото, филуваме со 1/2 од филот.
~ Го ставаме второто тесто, филуваме со втората половина од филот.
~ Тортата ја ставаме во ладилник некое време да се здрви филот, а потоа ја вадиме страницата.
~ Декорираме со жолтиот фил со готварски шприц.

На сите ви посакувам пред се`многу здравје, а за се`друго ќе најдеме начин да средиме.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани