Превкусни беше коментарот на моите дома, а и мојот се разбира. Овие пирошки се посебни на вкус, со крцкава коричка, мека и шупликава внатрешност, и иако на прв поглед делува дека се многу на број, сепак нивниот посебен вкус те мами на уште. Топло ви ги препорачувам да ги пробате и вие.

Подготовка

1. Најпрво 250 мл вода ја загреваме до зовривање, и ја ставаме во садот каде што ќе месиме (кај мене садот е метален, доколку користите пластичен сад, тогаш ставете ја водата во некој метален длабок сад, па после префрлете ја таа смеса во пластичниот сад). Во таа вода веднаш додаваме 5 г.л. од вкупната наведена количина на брашно. Мешаме до добивање на компактна смеса.
2. Сега во другите 250 мл топла вода ги ставаме квасецот и шеќерот. Мешаме да се раствори квасецот и оставаме 5-10 минути да се активира. Откако ќе се активира квасецот, го додаваме кај пареното тесто, и со постепено додавање на брашното (тука ја додаваме и солта) замесуваме тесто. На крај го додаваме маслото, месиме уште кратко. Тестото го оставаме на топло место да стаса.
3. Стасаното тесто (кое тежи 1,2 кг) го делиме на 15 исти топчиња од по 80 гр. Сите топчиња ги ставаме во набрашнет дискус, одозгора ги намрсуваме со масло и благо ги притискаме. Ги покриваме и ги оставаме 10-15 минути да стасаат.
4. Почнувајќи од првото топче на малку намрсена работна маса расукуваме правоаголна форма што е можно потанко (јас со димензии околу 25х15). На пошироката страна ставаме од урдата, преклопуваме врз урдата, па свиткуваме од страните и формираме пирошка. На краевите притискаме нежно со прстите, за да се затворат крајчињата. Формираните пирошки ги покриваме и ги оставаме 10-на минути да стасаат.
5. Пржиме во загреано масло на умерена температура (јас на 4-ка од вкупно 6) почнувајќи од првата пирошка. Со лажица прскаме од врелото масло врз пирошките. Ги вадиме врз хартиена салфета да се исцеди вишокот на мрснотија, иако пирошките не се воопшто мрсни. Ги послужуваме веднаш додека се топли, иако и ладни се превкусни.

Забелешка - За фил наместо урда, може да користите и нешто друго по свој вкус.

На здравје!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани