Има мал милион рецепти за ова прекрасно традиционално јадење. Оригиналното е секако со сушена овча пастрма, но јас (а верувам и повеќето готвачи) го правам со сецкано свинско месо. Ова е мојот начин, лесен и едноставен, со малку поминато време во кујна, а резултатот е одличен. Се надевам ќе ви се допадне.
1. Најнапред се подготвува филот. Сецканото месо на коцки, зачините и маслото ги мешаме во подлабок сад, го покриваме садот и го оставаме 1 – 2 часа во фрижидер.
2. Квасецот, 1 лажица шеќер и 1 лажица брашно ги мешаме со млаката вода и оставаме квасецот да ни се активира.
3. Потоа го додаваме маслото и солта и замесуваме многу мазно и меко тесто. Ако има потреба при замесувањето додадете брашно.
4. Замесеното тесто оставете го да се дуплира на топло од прилика 1 час.
5. Потоа и филот и тестото поделете ги на 4 еднакви дела.
6. Јас покрај филот, додадов и малку чадена сланина, но тоа е според вкусот.
7. Формирајте ги 4 дела во форма на круг или во форма на чамец, како милувате.
8. Нема потреба од расукување, маслото му дава убава еластичност на тестото, па лесно ќе го формирате со раце.
9. Премачкајте го со малку свинска маст (1 лажица на 1 дел), по желба посипете со сусам (за мене солено пециво не би било пециво ако нема сусам) и наполнете ги питите.
10. Печете ги пастрмајлиите во загреана рерна на 200 степени.
11. Печени се кога тестото убаво ќе порумени. Добар апетит!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови