Велат дека ова јадење со ова име се подготвува најчесто во Кипар и Грција, така прочитав по нетов. Инаку многу потсеќа на лазањата, поради што мое мислење беше дека е италијански рецепт, ама како и да е вкусно е, а и не верувам дека ќе ги навикнам домашните со новово име, за нас ќе си останат печени макарони со мелено месо =)

Подготовка
1. Кромидот ситно го сечкаме и го пржиме на масло. Го додаваме месото и неколку минути пропржуваме да се соединат, па ги додаваме исечканите домати и зачините. Налеваме вода и оставаме да врие, на тивко околу 20-тина минути.
2. За тоа време ги вариме макароните, ги цедиме и додаваме околу 4-5 лажици масло во нив, па промешуваме.
3. Во подмачкана тава или плех ставете половина од макароните, па целиот фил, па останатата половина макарони.
4. За бешамелот стопете го путерот па додадете го брашното. Мешајте на оган околу 2 минути. Постепено почнете да го додавате млакото млеко со постојано мешање за да не ви се направат грутки. Откако ќе се згусне тргнете го од оган и додадете ги јајцата и изренданиот кашкавал. Убаво промешајте. Со оваа смеса ги прелеваме макароните.
5. Ги печеме во рерна околу ½ час на 200 степени.

Забелешка
Ставив неколку лажици кечап, сега немав домати, ама оригиналната рецепта е со домат. Вриењето на филот со месо заедно со доматите зависи од сочноста на доматот, па затоа не се врзувајте за времето.
Откако ќе ги извадите од рерна, можете да ги посипете и со рендан пармезан. Јас го сакам и многу ми е вкусно така.
Ги печев во мојот пекач, па малку ми излегоа повисоки од вообичаено, што значи може и во тавче да си ги спремите.
Фотографијата е направена кога сосема се имаа изладено, супер се сечеа.
Овој пат користев спирални тестенини, ама може со било кои кратки тестенини да се прави јадењево односно оние кои се идеални за густи сосови.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани