За прв пат овој специјалитет го сретнав тука на Мои Рецепти и го направив. Беше многу вкусно, а особен печат беше што исто така за прв пат и со позитивни импресии ја сретнав комбинацијата на цимет во месото. Ха! Според името тогаш мислев дека е некој италијански специјалитет, но скоро открив дека всушност е грчки, што воопшто не ми беше проблем да си го преведам. Овој е малку пообемен, преземен од нивни канал и можам да ви кажам дека е препрепревкусен. Нека не ве плашат состојките, со добра намера и волја се спрема лесно, само што ќе има некој сад повеќе за миење.

Подготовка

1.Сварете ги тестенините. Во тава на рингла ставете масло и ситно сечканиот кромид со шеќерот и 2-3 гранчиња темијан. Пржете да се карамелизира кромидот. Потоа додадете го лукчето ситно исечкано и по минута пирето од домати. Пржете го уште 2 минути.

2. Додадете го меленото месо да се запржи. Потоа налејте го виното и кога ќе се соедини додадете ги и доматите, коцките за супа, циметот и ловоровиот лист и посолете.

*Јас имав само половина кг мелено месо, па овде додадов една голема главица кромид и 2 помали домати. Немав свеж тимијан, па користев сув. Исто така имав доматен сос кој не беше паста, па најпрво додадов малку повеќе од дозата и чекав да испари течноста за да го постигнам до некаде ефектот.
Кога сето ќе се соедини, тргаме од рингла, ги вадиме ловоровите листови и додаваме ситно сечкан магдонос.

3. Во тенџерче на рингла го топиме путерот и во него го додаваме брашното кое со мешање го пржиме минута до две, па го додаваме во 2-3 наврати со мешање млекото. Треба да се добие кремаста структура.

4. Тргаме од рингла, посолуваме, додаваме бибер и морско оревче и ренданиот кашкавал. Се убаво се меша да се соедини. Во тестенините го дробиме сирењето и ги додаваме останатите состојки, мешаме и ги распоредуваме рамномерно во намрсена тава 25х35 (кај мене 20х30).

5. Од бешамелот земаме една кутлача и го додаваме во меленото место (јас оваа постапка ја заборавив, ама уживањето сепак воопшто не ни беше скратено) и го распоредуваме врз тестенините. Над нив го истураме бешамелот и одозгора поросуваме рендан кашкавал.

6. Печиме на 180С 40 минути (кај мене е силна рерната, па намалив малку на време и 10С температура) и кога е готово уживаме во вкусот. Секако, најфино е кога ќе се навали на топло, но пресекот доаѓа до израз најдобро кога ќе олади.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови