Драги мои пријатели, драги мои фанови, вљубеници во моите рецепти.... еве ќе бидам нескромна ако кажам дека сум горда на овие мои 1200 рецепти споделени на оваа убава страна МР.
Изборот за овој јубилеј беше баш оваа торта.
Ова се најновите хит торти ширум светот, кои делуваат едноставно, свежо, весело...
Најчесто овие тренд Алфабет торти се составени од две кори, печени по желба во облик, буква, бројка, фигура....и крем кој содржи ванила, маскарпоне, чоколадо...
Тортите се декорираат со свежо овошје, макаронси, пуслици, бобичасто овошје, перли, чоколадца..... и ништо претерано, туку онолку, колку што треба за тортата да добие елегантен изглед.
Овој нов тренд на торти го поставила Ади Клингхофер, млада девојка од Израел.
Оваа торта ја посветувам на мојата најдрага и најсакана другарка Тинка, човек со големо срце и душа.
Фала ти Тине за се.
Ти си мојот најголем фан хаххаха,

Корите може да се подготват и еден ден порано.
Битно е да бидат ставени на рамна подлога и убаво да се изладат.
Тортата се филува 3-4 часа пред послужување.
Или ако одма се сервира корите се натопуваат со малку млеко за да омекнат.
Подготовка на корите е следна.
Ставаме на оган една касерола со вода да се загрева.
Во друга касерола ги соединуваме јајцето, шеќер, сол, маст, млеко.
Оваа касероал ја ставаме врз таа што е на оган и на тивко готвиме, додека состојките да се соединат 2-3 минути.
Тргаме од оган.
Ги соединуваме брашното и пецивото и ги додаваме на веќе подготвената течна смеса.
Замесуваме тесто кое не смее да лепи на рацете.
Тестото го делиме на два дела.
Врз хартија за печење ги сучиме корите и формираме фигура, буква...кај мене срце.
Внимателно ги одсекуваме непотребните делови тесто.
Формираме две кори на ист начин и ги печиме од 8-10 минути на 170 с.
Испечени ги оставаме убаво да се изладат на рамна површина.
Во еден сад на многу тивок оган ги загреваме млекото, ванилата, половина количина на шеќерот.
Жолчките ги матиме пенасто со половина количина на шеќер.
Им додаваме густин и брашно.
Додаваме половина количина на загреано млеко, промешуваме.
Сега се убаво заедно соединуваме и вариме на тивок оган, со постојано мешање и внимаваме да не се прават грутчиња.
Тргаме од оган и го додаваме путерот во топлиот крем.
Промешуваме.
Покриваме со проѕирна фолија и оставаме кремот да се лади.
Во оладениот крем го додаваме маскарпонето (со миксер) и матената павлака.
Соединуваме со шпатула.
Кората ја поставуваме на површина каде ќе стои тортата.
Кремот го ставаме во шприц.
Нанесуваме густо врз кората.
Внимателно врз кремот ја ставаме втората кора.
И врз неа нанесуваме крем со шприц.
Поставуваме украси, чоколадца, пуслици, овошје, капини, неотровни цвеќенца, перли....
Оставаме во фрижидер 2-3 час, па послужуваме.
Мене најубава ми беше наредниот ден, кога корите омекнаа.
Забелешка- ширината на срцето ми беше 3,5 цм.
Но сметам дека може да биде со ширина од 5 цм, бидеји има доволно фил.
Мене ми остана фил и направив кора со останатите 3 белки, 3 лажици мелен бадем и филував со остатокот на крем

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани