Лача парата е индиски безквасен леб кој е многу вкусен. Се подготвува необично и на прв поглед комплицирано. Но само на прв поглед. Јас го видов рецептот пред неколку дена и немав мир додека на го спремив. Лебот ги задоволи сите мои очекувања!

Подготовка
Брашното се просејува и се меша со солта. Се додава растопениот путер и се трие со брашното да се добијат трошки. Потоа се додава и водата и се замесува средно тврдо тесто кое нема да се лепи на допир. Внимавајте да не го направите претврдо. Тестото се остава да се одмори околу 20 минути.
Потоа се дели на 4 дела и секој дел малку се размесува. Земете едно топче, извалкајте го во брашно од сите страни и расукујте го во округла, тенка кора.
Кората премачкајте ја со растопен путер, ставете 3 прстофати брашно и малку натапкајте ги. Потоа кората се витка како лепеза (хармоника). Лепезата се фаќа на двата краја и малку се истегнува, а потоа се витка како полжавче. Крајот се витка надолу и малку се притиска.
Вака свитканата кора оставете ја на страна додека ги спремите и останатите 3 на ист начин.

Полжавчињата исукајте ги во кружни кори со благо притискање со сукалото. Значи не треба многу да се притиска за да не се изгубат лиснатите делови.
Кога ќе ги спремите сите лепчиња ставете ја тавата на рингла и ставете 1 лажичка масло. Ринглата треба да е загреана на средно јак оган (кај мене беше на 7 од 9). Лепчињата се пржат многу кратко, освен првото. За него треба повеќе време.
Ставете го лепчето во загреаната тава. Ќе видите дека ќе се појават меури. Кога ќе се зацрвени од долната страна, превртете го и премачкајте ја печената страна со путер. Кога ќе се испече и другата страна извадете го лепчето и премачкајте ја и неа со путерот.

Готовите лепчиња се служат со некој намаз, како надополнување на главното јадење или како вам ви одговара. Ние ги јадевме со сиренце и домат за доручек. Може да ви кажам дека се многу вкусни и само така, без ништо плус, а убави се и кога ќе се оладат.

Пријатен апетит!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани