Рецепт кој што го барам неколку години. Го барав изворниот, како за од околу знаев како треба, но не и точно, а душа ми гореше да го дознаам од некоја баба. Ми успеа.
Конечно ми падна во раце, кажете и фала на другарка ми Дани и на дедо Дичо <3

За мацкање со топло лепче и сиренце душа дала оваа сол. Испробано. Болело меше после прејадување, ама што да се прави кога е толку вкусно и нема доста =))

Пченкарното брашно потпечето го на суво тавче. Внимавајте да не прегори, само малку да зарумени и тргнете го на страна.
Истото направете го и со црвениот пипер. Да се потпече на сувo, да замириса убаво.
Измешајте ги заедно, додадете ја чубриката и сол по вкус.
Ако имате леблебија истолчете ја и додадете ја. Јас немав, па нормално дека не додадов.
ВУАЛА!
Кратовска тајна на чинија!

Во состојки го напишав оргиналниот рецепт, за да се зачува малку старинското, но во загради си допишав за нас младите со финтици што готвиме =))
Мумуруз е пченка во кумановско кратовскиот дел. Смешно име, смешно. Уште не сум собрала храброст да го кажам гласно =))
Рецептов оргинално се приготвува со толчење, бидејки порано немало миксери и блендери и немало ни друг начин на приготвување.

Јас во рецептот ставив чубрика. Ја има по големите маркети спакувана во кесички. Место сушени пиперки потпеков благ буковец сосе семчиња за автентичност, а ако сакате луто, можете и со лут да ја направите.
Чувајте ја добро затворена во тегличе за да не изветреат мирисите. Нема рок на траење.

Ние дома ја користиме за мераклиски јадења. Топло лепче извадено од рерна, мацнато во кцана сол, искомбинирано со домашно сирење и кромидче....заборави мој број телефона =))
Исто така ја користиме и за валкање на солени бомбици и како посип за проја и сл.

Е па, ете. Се борев традицијата да не ни изумре. Мислам дека вреди трудот.
Трпезата е делот од домот кој го собира семејството. Нека ни иде богата и вкусна.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани