Едноставна посна компир манџа
За младите домаќинки еве еден посен едноставен ручек.
Морковот и кромидот ситно ги сечкаме. Компирот го сечкаме на мали парчиња. Сето ова заедно со грашакот го ставаме да се вари. Кога ќе ја постигне точката на вриење ја намалуваме температурата и го оставаме на потивко да продолжи да се вари (околу половина час). Го пробуваме дали е сварено.
Го тргаме тенџерето на страна и во тава, на масло ставаме ситно сечкан кромид и лук, да се пропржи до застаклување и пуштање на мирис. Ставаме брашно и црвен пипер, мешаме да се соединат и оваа смеса ја истураме во манџата. Ставаме зачин мешан сушен зеленчук и го враќаме тенџерето на оган неколку минути да проврие, да се спојат вкусовите. Ова е првиот начин.
За вториот кој мене ми е повкусен, сечканиот кромид и морковот ги пропржуваме на масло, па ги ставаме компирите и грашокот и тие малку да се пропржат, па сите состојки ги префрламе во тенџере, ги залеваме со вода и ги вариме на оган. Запршката во овој случај ја спремам така што прво го потпржувам брашното на суво, додека да испушти мирис и да излезе влагата од него( внимаваме да не потемни), па го додаваме маслото заедно со лукчето и кромидот, 2-3 минути да се пропржат и да испуштат мирис. Ја ставаме запршката во тенџерето со варениот зеленчук, додаваме зачини и оставаме на тивко да се вари некоја минута.
Во оваа манџа знам да си додадам и буковец, прстофат оригано... Ако не ви е доволно солена од мешаниот сушен зачин, ставете си и сол. Е сега, количеството на вода кое треба да го ставите е некаде околу 1 литар, ама тоа сепак зависи од големината (габаритот кој го зафаќа во тенџерето) на заленчукот кој сте го насечкале. Значи треба да го покрие и да има место за вриење и згуснување при варењето. Инаку од тоа колку брашно ќе ставите во запршката ќе ви зависи и густината на чорбичката. Доколку сакате , можете да ставите и повеќе масло во запршката.
Многу напишав, ама се надевам добро објаснив и дека ќе си направите, вкусен едноставен посен ручек.
Лиценца: Сите права се задржани
Инаку и јас по вториот начин подготвувам манџа или било кој тип на ручеч. Наидов на една фина реченица во кулинарските емисии ... "No color, no taste" ... па така се прво малку да се запржи па потоа течностите :)