Вклучете ја рерната да се загрева на 180 степени.
Во длабок сад ставете ги јајцата, шеќерот, солта, екстрактот од ванила и омекнатиот путер. Матете со миксер додека состојките убаво се соединат и смесата започне да се згуснува. Наизменично додавајте го млекото и брашното измешано со пецивото. 2/3 од смесата ставете ја во модла за куглоф. Во останатиот дел додадете го какаото и убаво изматете. Кафеното тесто распоредете го во модлата и со помош на вилушка правејќи спирални движења, измешајте го тестото за да добиете мраморна шара. Се пече околу 45 минути или доколку печете во силиконски калап околу 60-70 минути. Направете проба со дрвена чепкалка за да видите дали тестото е печено. Откако се испекло, оставете малку да излади па извадете го од модлата, покријте со крпа и оставете потполно да се излади.

За глазурата доколку користите готова, подгответе ја според упатството, во спротивно на пареа стопете го чоколадото со кокосовото масло.

Јас кугловот го печев во силиконски калап и користев готова глазура. Ја стопив и ја излеав во чистата модла во која се печеше кугловот. Страниците од модлата ги премачкав со глазурата. Го ставив готовиот и изладен куглоф повторно во модлата и малку го притиснав одозгора и од страните со дланките. Се остава околу 1/2 час да излади и потоа се става во фрижидер да отстои 2-3 часа или преку ноќ. Додека е ладен, се одвојуваат страните на модлата од колачот и модлата се „лупи“ од колачот, односно модлата се витка нанадвор за да може колачот целосно да се извади од неа. Оваа постапка за глазирање успева само со силиконски калапи.

На здравје!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани