Ова времето како лета, ден по ден, па неверувајќи дека ќе дојдам до 1000 рецепти, стасав до 1100.

Првите рецепти беа некако побрзо напишани, но како мине времето сфаќам дека ова е една сериозна работа, каде многу од новите домаќинки учат од нас,па се трудам убаво да им објаснам.
Како што би рекла внука ми, фала ти стрино, среќа што споделуваш, па да знам што да зготвам.
Јас морам да бидам искрена, дека тортите не се мој омилен избор. Јас всушност и не сакам да јадам многу благи работи.
Но, тука е екипата околу мене, слаткари, кој што не можат да го замислат денот без благо.
Епа за нив и за сите вас кои ме поддржувате веќе добри 10 години овде на странава, ќе ве почастам со прекрасната јаткаста, Грчка торта.
Прелистував по сајтов, најдов многу грчки торти, но ниеден не е по состав ист како овој мој рецепт, па нека биде Јубилеен, нека се памети. Ајде да ви објаснам што се направив да биде толку совршена.

Подготовка:

1. Во длабок сад матете ги белките со шеќерот. Нека се направи убава густа смеса. Кога снегот е цврст додајте 15 лажици мелени бисквити и мелени лешници. Мешајте со шпатула да се соединат убаво состојките.
2. Калапот каде ќе печете нека е обложен со хартија за печење, а хартијата премачкајте ја со путер. Добро соединетата смеса, ставете ја во калапот и печете во загреана рерна. Додека се пече пандишпанот ќе го спремиме филот.

3. Во стаклен сад ги ставаме жолчките. Додаваме шеќерот и пудингот, а потоа и 300 мл млеко.
Мешаме со рачна маталка. Во кацерола на оган ставаме 300 мл млеко, па кога е врело, ја додаваме смесата со жолчките и пудингот. Мешаме да се свари како крем. Тргаме на страна да излади кремот.

4. 300 гр путер го матиме со 100 гр шеќер во прав, па кога е убаво изматен му додаваме полека од варениот крем. Соединуваме убаво во еден преубав крем. Во садот додаваме 200 гр мелени бадеми или лешници, 200 гр чоколадни парченца и 200 гр сецкани бисквити. Мешајте убаво со шпатула.

5. Пандишпанот изладен, го вадиме од хартијата за печење и го делиме на 3 дела. Во калапот каде печевме, го редиме едниот дел од пандишпанот. Ставаме дел од кремот. Размачкуваме убаво насекаде, рамномерно. Ставаме пак пандишпан, па пак од кремот и така се до последниот дел каде премачкуваме со остатокот од кремот.

6. Калапот го ставаме во ладилник да се стегне. Кога е стегнат го вадиме од ладилник и го вадиме обрачот. Крем шлагот го матиме според упатството, па го нанесуваме насекаде врз тортата. Јас ја декорирав со мешавина од крупно мелени јаткасти плодови.

Ова е е една прекрасна торта, за која нема да зажалите ако ја спремите. Кој е љубител на јаткасти плодови, ова е совршен избор.
Нека ви е на здравје.

Забелешка
Тортата дозволува да биде мешавина од ореви, лешници, бадеми.
Ако немате лешници, ставете ореви. Вкусот верувајте е совршен со што и да ставите.
Нека ви е слатко.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови