Бриош со Маскарпоне
Секогаш кога треба да направам Бриош, посебно ако има путер повеке од 60% од брашното се плашам дека миксерот ќе ми откаже љубов. Маж ми само ќе погледне што се случува во кујната и на заминување ќе ми речи - Љиљо, овај миксерот можи да “кажва“ приказни....
За овај рецепт нема приказни, со минимум ангажман испадна перфектен бриош, кој до следно нема да го менувам...
Потребно е високоглутенско брашно, ако ви е достапно, а ако не и она за леб ќе заврши работа.
Во еден поголем сад помешајте го брашното, солта, сувиот квасец, шеќерот и ванилиниот шеќер.
Јајцата разматете ги и додајте ги во садот заедно со Маскарпоне сирењето и маслото. Со цврста дрвена лажица или жица за тесто измешајте ги сите состојки да добиете една топка, не баш многу компактна. Рецептот е испробан и со сув и со свеж квасец. Со свеж квасец кој претходно е втриен во брашното, останаа видливи парченца после замешувањето на тестото, а со сувиот беше изедначено, ама на крајниот резултат немаше ама баш никакво влијание. Така да слободно употребете каков имате.
Садот покријте го цврсто со прозирна фолија и оставете го во фрижидер 12 часа.
После тоа, на сосема малку набрашнета површина рассучете го тестото во правоаголник со дебелина околу 1 цм со пошироката страна кон вас. Преклопете ја десната третина преку средната, а левата преку неа, како за лиснато тесто. Завртете го тестото за 90 степени, рассучете го и повторно преклопете го. Повторете ја постапката уште еднаш. Додека ова се прави тестото ќе добие компактност и еластичност, ќе биде исто како долго да сте го меселе.
После третото преклопување, рассучете го во еден правоаголник со ширина на калапот во кој ќе го печите бриошот. Мојот калап беше длабок калап за леб 21 на 11 цм. Премачкајте со мармалад и завиткајте цврст ролат.
На калапот ставете хартија за печење, ставете го тестото, покријте со прозирна фолија или ставете го во најлон кеса и оставете да стаса на топло додека се удвои, некаде 1 до 1 1/2 час.
Тестото може и да се подели на 6 дела, секој да се завитка поединечно во ролат и да се печи во калапи за мини лебчиња. На сликите јас правев дупла доза од напишаната во рецептот, не правам од се по пола, ако така изгледа..... Па половина е печено во поголем калап, а половина во мини калапи. Големиот бриош е правен со мармалад од портокали, а малите со мармалад од црни сливи.
Загрејте ја рерната на 190 Ц.
Печете го Бриошот додека не добие убава златна боја, за големиот некаде 40 - 45 мин, а за малите некаде околу половина час.
Посипете со прав шеќер и послужете.
Лиценца: Сите права се задржани
ма дај бре женка направи нешто понормално за ваквите како мене :) :) :) :)
јасно ли ти е дека не сум успеала ниту еден твој рецепт да направам. или немам ВОЛШЕБНИ ЗАЧИНИ или треба 10 дена да го тинтрам секој ден или што ти јас знам :) :) :) :)
јас ни рогач не успеав да најдам, не па нешто друго :) :) :) :)