Во овој рецепт ќе ви покажам дека и посното може да е декоративно. Идејата произлезе од зададената тема, а јас ја вклучив и зелената боја бидејќи овие две бои се најзастапените за Божиќните празници и се вистински претставници на празничната радост што го обзема светот овие денови.

Подготовка
1. Локумот, шеќерот во прав, водата и мелените бисквити ги соединуваме со гмечење и месење.
2. Потоа смесата ја делиме на два дела. Во едниот ставаме зелена боја растворена во неколку капки вода, а во другиот дел црвена.
3. Потоа секоја половина ја делиме на две и ги расукуваме со помош на шеќер во прав и на најлонска фолија. Треба да ни бидат сосема тенки и да се потрудиме да ни бидат со приближна големина.
4. Ги редиме наизменично зелена, црвена, зелена, црвена истенчена смеса. Целата новосоздадена површина ја делиме на две половини и едната ја ставаме врз другата. Нежно поминуваме со оклагијата да се спојат.
5. Целиот колач го ставаме кратко на ладно, па му ги отсекуваме прво краевите кои ќе ни послужат за изработка на украсите врз колачињата т.е за црвените топчиња и ливчињата. На крајот сечеме парчиња по желба.
6. За преливот ги мешаме сите состојки со лажица и од него ги прелеваме колачињата па ги редиме украсите.

Забелешка
Бисквитите ги мелев во нутрибулет и се направија да не речам како прашина, затоа и толку добро се измеси целата смеса, па не се ни приметува дека има бисквити во неа.
Ако имате гел бои не треба да ги мешате со вода.
Формата и висината на колачињава си ја изработувате по желба и вкус. Може да ви бидат само со четири реда, може да ги направите и како коцки оставам на вас да си ги правите како сакате или пак на мојот начин ако ви се допаѓа. Ама што се помали тоа подобро, ем повеќе ќе излезат за послужување, ама и дека се благички подобро е да се мали, можеби некој ќе сака да проба и некоја друга врста на колаче. Јас сакав да ми бидат како тортици па затоа ја направив оваа големина.
Белиот прелив го ставив во кеса, отворив мало дупче на неа и фино го распоредував врз секое колаче посебно.
За украсување на колачите можете да си одвоите и однапред од двете обоени смеси.
Од оваа големина на колачиња излегуваат 12 парчиња.
И нека не ве одвраќа должинава на пишуванкава за рецептот, јас само сакам детално да објаснувам, а ова е инаку многу едноставен рецепт.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани