Баклава со суви сливи, чоколадо и бадеми
Секогаш кога правам баклава внимавам на односот кори-шербет, а состојките за фил ги ставам „од око“ и според моменталната инспирација =). Овој пат ги мерев состојките за да можам да го пренесам рецептот за оваа баклава.
Рерната загрејте ја на 180°.
Сувите сливи доколку се многу тврди попарете ги со врела вода и оставете ги малку да омекнат. Убаво исцедете ги па исечкајте ги во зависност од големината, на половина или на три дела. Чоколадото изрендајте го крупно или пак јас како што направив, исечкајте го на тенки ленти. Бадемите, сливите и чоколадото поделете ги на пет еднакви дела за полесно распоредување.
Корите поделете ги по три за еден ролат. Секоја кора попрскајте ја со зејтин и на последната кора на потесната страна ставете прво бадеми, врз нив чоколадо и најодозгора суви сливи. Завиткајте поцврст ролат и ставете го во долгнавеста длабока и намастена тава. Постапката повторете ја и со останатите кори. Добивате 5 ролати со по три кори. Ролатите премачкајте ги со вода и одозгора налејте ги со зејтинот кој ви остана (околу 30мл.) па пресечете ги на парчиња со големина по ваша желба. Печете ја баклавата околу 45-50 минути додека одозгора добие златно-кафена боја. Откако ќе се испече оставете убаво да се излади.
За шербетот, ставете го шеќерот и водата најпрво на силен оган да зоврие со постојано мешање додека шеќерот да се стопи. Откако ќе зоврие намалете ја температурата на средна и варете точно 10 минути. 2 минути пред крај додадете ги парчињата лимон. Оставете 5 мин. да одмори па внимателно со кутлача налејте ја баклавата. Од шербетот оставете колку една чаша (250мл.) во тенџерето, додадете ги двете лажици шеќер и повторете ја постапката на варење. Откако малку ќе отстои, со лажица налејте го шербетот врз ролатите. Оставете така да се олади, па потоа поклопете ја баклавата и оставете ја на собна температура до наредниот ден кога и ќе можете да ја послужите.
Лиценца: Сите права се задржани