За оваа баклава на средбата ветив дека ќе го напишам рецептот после Божиќ и ете си стојам на зборот.
Од баклави накратко кажано никогаш доста. Какви се не ги има и пак и пак повторно со задоволство ќе прочитаме по нешто ново.

Најдобро е прво да ги подготвите и двата фила, па потоа само да редите.

Фил 1
1. Се делат белките од жолчките и од нив се мати цврст снег. Го оставаме садот настрана.
2. Во посебен сад најпрво се мати маргаринот со шеќерот во прав, а потоа му се додаваат и жолчките. Матиме убаво и постепено ги додаваме лимоновиот сок, ванилата, пецивото и гризот. На крај го ставаме и снегот од белките и матиме се дури смесата да се воедначи.

Фил 2
1. Се делат белките од жолчките и од нив се мати цврст снег. Го оставаме садот настрана.
2. Во посебен сад почнуваме да ги матиме жолчките и откако ќе станат пенести почнуваме со постепено додавање на шеќерот во прав. На крај ги ставаме кората од лимон, мелените ореви и снегот од белките и матиме се дури смесата да се воедначи.

Редење
1. Корите поделете ги на 3 дела. Не мора прецизно,освен ако сакате така. Јас секогаш ги делам од око,да бидат приближно еднакви делови.
2. Плехот намрсете го со зејтин, на дното и по страните, но не премногу. Почнуваме со редење на тој начин што се ставаат 2-3 кори, па пак намрсуваме со тенок конец зејтин и се така дури да ја потрошите првата третина. На кората врз која се филува не треба да има зејтин.
3. Го нанесуваме првиот фил, па почнуваме со редење на втората третина од корите. Препорачливо е првата кора што ќе ја ставите над филот да ја намрсите. Продолжуваме да редиме на ист начин како и претходно.
4. Кога ќе ја протрошиме и втората третина, го нанесуваме вториот фил, кој е малку полеплив и потежок за размачкување. Над него ја редиме последната третина од корите.
Секогаш по неколку наредени кори убаво притиснете.
5. Исечете ја по Ваша желба и намрсете ја убаво најгорната кора. Не ставајте зејтин пред сечење бидејќи ќе ви оди многу потешко и внимавајте да не стискате пресилно, па филот да почне да излегува.

Велат мајсторијата на баклавата се познавала во сечењето. Е јас малку како калфа сечев и се вцрвив од што беше дебел слојот.

Се пече 1 час во претходно загреана рерна на 175-180 степени Ц.
Кога е готова треба горната кора да е заруменета,а кога ќе го протресете плехот напред-назад да „игра„ во него,односно лесно да се одвојува од краевите.

За шербетот, ставете ги сите состојки заедно и откако ќе зовријат оставете ги да вријат околу 5-10 минути.
Доколку не сакате да ставите лимонтус, може да го замените со сок од еден лимон, но тој не го дава потполниот интензитет на вкусот.
Сепак оставам според Ваша желба.

На крај оладената баклава се прелива со врелиот шербет или обратно, претходно сварениот и оладен шербет се прелива преку баклавата веднаш штом ја извадите од рерна.

Димензиите на плехот можат да варираат, а ништо страшно и ако корите се редат преклопени на две. Ако пак се подолги подвиткајте им ги краевите.
Најубаво е баклавата да одстои барем 2 дена пред сервирање, со оглед на тоа што еден од филовите содржи гриз.

Бујрум!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови